Поранешниот претседател на ФФМ, Муамед Сејдини, ќе се брани од слобода, прифатена гаранција од над 1,15 милион евра

Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ја прифатил понудената гаранција од над 1,15 милион евра за осомничениот Муамед Сејдини, поранешен претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), по што му е укината мерката притвор и ќе се брани од слобода.
Од Основниот кривичен суд Скопје информираат дека гаранцијата се состои од засновање хипотека врз недвижен имот, а истовремено, заради обезбедување на присуството на осомничениот во понатамошниот тек на постапката, определена му е мерка на претпазливост со одземање на патната исправа.
На осомничениот, по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, на 24 април 2026 година му беше определена мерка притвор во траење од 30 дена поради опасност од бегство и можност да влијае врз сведоци и да ја попречува истрагата. Притворот подоцна беше продолжен со решение на Кривичниот совет.
- По поднесениот предлог за укинување на мерката притвор со определување гаранција и добиено позитивно мислење од јавниот обвинител, судијата на претходна постапка донесе решение со кое го уважи предлогот и ја прифати понудената гаранција, а со оглед дека против решението не беше изјавена жалба, тоа стана правосилно по што осомничениот е пуштен да се брани од слобода - стои во соопштението од Кривичен.
Сејдини е осомничен за кривично дело проневера во службата од член 354 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Според Обвинителството, осомничениот во периодот од ноември - декември 2024 година, како службено лице, претседател на ФФМ, прибавил противправна имотна корист од речиси 660 илјади евра за правно лице од Скопје, односно износ што надминува значителна имотна корист.
- Сомненијата укажуваат дека делото е извршено така што ФФМ како членка на УЕФА во текот на 2024 година добила строго наменски парични средства за ревитализација на спортски терени и инфраскруктура. Со финансиската поддршка од УЕФА во рамките на програмата HatTrick VI осомничениот почнал постапка за спроведување на проектот - изградба на трибина на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид и дал предлог за почнување постапка за избор на компанија за реализација на проектот. По одобрување од Управниот одбор, осомничениот поднел барање до три фирми за понуди за изградба на трибината на стадионот. Била избрана најповолна понуда за изградба во вкупен износ од речиси 3,3 милиони евра, без ДДВ. Иако изведувачот тоа не го побарал, ниту во барањата за доставување понуди било наведено како можност, осомничениот, спротивно на одлуката на Управниот одбор, вметнал дополнителен услов во склучениот договор со избраната фирма, со кој предвидел авансна уплата во износ од 20 % од вкупната вредност на договорот пред почнување на градежните работи и без какво било претходно постапување од изведувачот. Притоа не предвидел никакво правно обезбедување за уплатените средства на име аванс - се вели во соопштението од Обвинителство.
Тој го потпишал таквиот договор и на 17.12.2024 година, паричните средства во износ од речиси 660 илјади евра, кои му биле доверени во службата, со негов налог до службите за исплата авансно ги префрлил на правното лице.
МИА
Ново на Сител
-

Во ЈЗУ во Гостивар прегледани 197 пациенти кои првпат побарале лекарска помош, што е намалување во однос на претходниот ден
-

Пијан велешанец ја нападнал мајка си и ѝ го скршил мобилниот телефон
-

26-годишник живеел во вонбрачна заедница и силувал малолетно девојче повеќе од една година
-

Сообраќајка помеѓу 4 автобили во Скопје, повредени повеќе лица
-

Штрајк на грчките цариници во понеделник, товарниот сообраќај во прекин
-

Муцунски: Нема информации за закани кон Македонија поради поддршката на американските операции во Заливот
-

Трамп се закани со сериозна воена одмазда против Иран и Хутите како негови сојузници
-

Кавадарчанец осомничен дека измамил кумановка за 9.000 евра со ветување за странски пасош | ФОТО
