По шест децении интерното одделение на струмичката болница целосно реновирано
По шеесетина години, реновирано интерното одделение на струмичката болница. Ова е прв пат од изградбата на болницата, одделението да биде целосно инфраструктурно обновено, со што и пациентите и вработените добиваат современи услови за лекување, престој и работа.
Директорот на болницата, доктор Гоце Христов, вели дека ова е значаен чекор напред во унапредувањето на здравствените услуги, особено ако се има предвид дека интерното одделение со години важело за една од послабите точки во установата кога се во прашање просторните услови.
Целиот проект за обнова и модернизација на интерното одделение чини над 40 илјади евра и во целост е реализиран преку донации, со поддршка од општествено одговорни компании, без да се оптовари буџетот на болницата. Инвестицијата се однесува на инфраструктурното уредување, додека дел од опремата е обезбеден преку дополнителни донации.
Од раководството најавуваат дека ова е само почеток на поширок процес на модернизација. Со ставањето во функција на новиот болнички крак, се очекува да започне и постепена реконструкција на останатите одделенија, со цел подобрување на условите во целата установа која покрива околу 200 илјади осигуреници од регионот.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
