По раскинатиот договор ќе се бара нова фирма за изградба на штипскиот Клинички
Банкарската гаранција од 6 милиони евра е активирана по едностраното раскинување на договорот со грчката фирма која требаше да ја изгради клиничката болница во Штип. Интракат чии вработени во март 2016 ги удрија темелите, не испочитувале ниту еден од договорените рокови тврдат од Министерството за здравство и затоа пред две недели ставија крај на нивната соработка.
Наместо свечено отворање, сегашниот министер Фатмир Меџити најавува нов тендер и нова фирма а над 200 000 граѓани од источниот регион и понатаму ќе чекаат современ објект. За 7 години грчки Интракат реализирал само 30 проценти од договореното.
Ве известуваме дека договорот со изведувачот ИНТРАКАТ за новата штипска болница е раскинат на 29.06.2023. Потребно е да се направи преглед, односно пресек на активностите, по што ќе се распише тендер за нов изведувач, согласно заклучок од Влада. -Во рок од 42 дена треба да се достави ,,Проект на изведена состојба’’, да се подготви нова тендерска документација и во рок од 30 дена да се објави нова јавна набавка. -
Поднесени се барања за активирање банкарски гаранции, во износ од шест милиони евра и тие се реализирани. Рокот за изградба бил 30.06.2023, а досега се реализирани само 30 отсто, велат од МЗ.
Засега е нејасно дали грчката фирма ќе бара и плаќање на пенали како што е случајот со неизградениот клинички центар.
Колку всушност ќе чини изградба на болницата во Штип? – Во 2016 година договорот е потпишан на 34 милиони евра, со рок за завршување во 2018. Но три години имаше судски спор со подизведувачот за пред три години да бидат дадени уште 7 милиони евра. Денеска нема ниту готов објект ниту фирма изведувач а нов тендер и нова компанија според експерти ќе чини најмалку 40 проценти повеќе. Реакции за раскинување на договорот има и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Сега има нови оправдувања како не биле почитувани роковите за градба?! Па да ја прашаме власта - кој треба да следи спроведување на договореното и кој треба да постапува? Многу е јасно - тоа се надлежните, министерството за здравство и Владата.
Изговорот број два е дека бил пробиен првиот рок во 2018 година, па и вториот во јуни годинава, а во меѓу време Владата ги заборави граѓаните. Очигледно, сега ќе се посветат на нов тендер или барање на друга фирма, вели Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку министерот Меџити пред неколку месеци кога беше во обиколка на штипската болница каже дека како пациент не би се лекувал во таа установа поради лошите услови и затоа итно треба да биде изграден новиот објект. Но кога?
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
