Македонија
4. February 2022 - 16:41

Пендаровски нема против заедничко одбележување, ВМРО-ДПМНЕ поднесе декларација за Делчев

Со положување на венци и поклон на државна делегација пред вечното почивалиште во црквата Свети Спас почна чествувањето на 150 годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Делегацијата ја предводеше шефот на државата Пендаровски.

За заедничкото положување на цвеќе од страна на македонски и бугарски министри Пендаровски вели дека е чин на добра волја со кој се намалуваат тензиите поради бугарското вето во услови кога историската комисија се уште нема заедничка формулација за Делчев.

Делегациите на Пендаровски и Груби, кој ја предводеше првата владина делегација, во свети Спас беа дочекани и испратени со свирежи од насобрани граѓани.

Премиерот Ковачевски пак, поради патувањето во Брисел испрати писмена порака за тоа дека државата оддава почит „кон животот и делото на великанот на македонското национално револуционерно дело“.

 „Денеска, на 4 февруари на денот на раѓањето на Гоце Делчев се сеќаваме и оддаваме почит на неговиот историски придонес во создавањето на македонската државност. Идеалите и заложбите на Делчев се наша заедничка обврска да продолжиме да ја градиме државата како демократска и економски напредна земја“, напиша премиерот.

Цвеќе на гробот на Делчев положи и лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Тој прифаќа заеднички делгации со Бугарија само ако тоа е чествување на Делчев како Македонец.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше и дека бугарската страна не е подготвена за реципроцитет за внесување на македонското малцинство во уставот на Бугарија и дека ја злоупотребува својата положба во ЕУ за да не’ принудат да прифатиме дека сем држава и народ од 1945.

Неговата партија денеска во Собранието поднесе и Декларација афирмирација на наследството, улогата и значењето на Делчев, како централна личност од македонската историја.

Во Декларацијата се бара Институтот за национална историја, и Музејот на револуционерната борба да организираат настани во јубилејната година, а министерствотот за образование да организира наставни часови во училиштата за ликот и делот на Делчев.

Доколку ВМРО-ДПМНЕ навистина беше загрижено за Гоце Делчев требаше да го вклучи во Резоулцијата во Собранието околу црвените линии. Овде очигледно станува збор за обичен популизам, зависно од темата на денот ја креираат нивната политичката агенда. Како одговорна и државничка партија ќе ја разгледаме декларацијата и ќе се произнесеме, одговорија од владејчката СДСМ.

Пендаровски,пак, смета дека нема потреба од посебна Декларација за Делчев, бидејки идентитетот во кој влегува и револуционерот биле гарантирани со Декларацијата за црвените линиии во разговорите со Софија.

По повод јубилејот од век и половина од раѓањето на македонскиот револуционер беше направена и панихида што ја водеше поглаварот на ПМЦ-ОА г.г. Стефен, а во Музејот на револуционерната борба беше отворена и изложба на документи-лична кореспонденција на Делчев со неговите соработници.