Македонија
15. јуни 2023 - 16:34

Осомничен за убиството во „Шиша бар“ убиен во Косово, обвинителство вели дека засега имаат само еден осомничен кој е во притвор

Блерим Дачи од Чаир бил убиениот македонски државјанин синоќа во Приштина, пренесуваат косовските медиуми. 

Застреланото мртво тело полицијата го пронашла во  автомобил со скопски регистарски таблички, а како што пренесуваат медиумите покрај него имало и документи кои ги користел на име Блерим Шабани. 

На околу еден километар од убиството бил пронајден опожарен автомобил со германска регистрација во кој имало два калашњикови, за кој претпоставуваат дека е на осомничените за убиството. 

Телото на убиениот е на обдукција, а дека граѓанин на Македонија е убиен во Косово потврди и МНР во комуникацијата што ја имале со приштинските власти.

И додека косовски „Индексонлајн“ пренесува дека наводно Дачи бил главниот осомничен за двојното убиство во Шиша Бар во старата скопска шаршија, од обвинителството велат дека засега за случајот има само еден осомничен и тој е во притвор.

Во убиството пред три месеци во бар во Старата скопска чаршија беа убиени две лица и еден повреден.