Опозцијата обвинува дека Груби ја вработил снаата на Абази, од Министерството тврдат дека била вработена во 2015 година
Снаата на шефот на Обвинителството за организиран криминал, Ислам Абази, за само една година од министерството на Артан Груби добила ново вработување во АЕК.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ објави документи според кои Шпреса Абази лани во април со потпис на Груби станала помлад соработник во Министерството за политички систем, за експресно потоа да премине во Агенцијата за електронски комуникации, на позиција советник за одговор на компјутерски инциденти.
Опозицијата прашува дали по вработувањата на членови на неговото семејство, Абази ќе иницира или покрене истраги за функционерите на ДУИ. ,,Има ли се уште некој што верува дека Ислам Абази ќе покрене, иницира истраги за скандалите, аферите, богатењето, самоволието на Артан Груби, на семејството Ахмети коешто без денар стана сопственик на 40 отсто од милионската зделка „Соравија“, за Рамиз Мерко којшто со 30 кривични дека заврши на црната листа? Ислам Абази е нем пред фактите за криминал, па дури и ја прекина комуникацијата со ДКСК''.
Од министерството на Груби демантираат, Шпреса Абази била вработена во Секретаријатот за спроведување на Охридскиот договор од 2015 година.
Во Планот за трансфер на вработени преку програмата К-5, кој е усвоен од страна на Владата заедно со уште 9 вработени е предвидена за трансфер во АЕК. Во моментот кога планот е усвоен од Владата и беа реализирани трансферите, нејзиниот статус беше на мирување, бидејќи беше на мандат во придружба на својот сопруг, во амбасадата на Северна Македонија во Виена, Австрија.
За ваквите обвинувања, побаравме став и од Обвинителството, од каде велат дека нема да коментираат туѓи изјави. Затоа Сител се обиде директно да стапи во контакт и со Абази, но тој не одговори ниту на повиците, ниту на испратените пораки.
Во моментов со Агенцијата за елктронски комуникации раководи Јетон Акику, зет на функционерот на ДУИ, Невзат Бејта. Токму непосредно по изборот на Абази за позицијата во Обвинителството, беа објавени фотографии со Бејта, за кои тој тврдеше дека биле случајно направени.
Самиот избор на Ислам Абази предизвика големо внимание не само кај домашните институции, кои изразија сомнеж околу гласањето, туку и кај меѓународната заедница.
И покрај бројните реакции во јавноста, пред два месеца и сопругата на Абази, Албулена Абази, беше избарана за обвинител во кичевското обвинителство.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
