Македонија
22. May 2026 - 10:29

Оперскиот пејач Ристе Велков меѓу загинатите во тешката сообраќајна незгода

Еден од водечките македонски баритони, Ристе Велков е меѓу загинатите во тешката сообраќајна несреќа, што се случи синоќа на скопската обиколница, потврдија од Национална опера и балет.

Претходно Министерството за внатрешни работи информира дека четири лица загинале во сообраќајната несреќа, која се случила синоќа на обиколница на Скопје, помеѓу надвозник Визбегово и клучка Мирковци.

МВР информира дека синоќа во 23 часот во СВР Скопје е пријавено дека на обиколница на Град Скопје, помеѓу надвозник Визбегово и клучка Мирковци, Б.Б.(76) од Косово, управувајќи товарно возило - влекач „ман“ со полуприколка со косовски национални ознаки, изгубил контрола над возилото и со него преминал преку металната ограда во спротивната насока на автопатот при што се судрил со патничко возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Р.В.(51) од Скопје.

Од сударот настанал пожар во двете возила од кој патничкото возило и кабината на влекачот целосно изгореле. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје.

Од здобиените повреди на местото на несреќата починал возачот Р.В. и сопатниците од неговото возило, А.В.(20), П.М.(20) и М.Ѓ.(20), сите од Скопје. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телата на починатите се дадени на обдукција.

Исто така, по наредба на јавен обвинител возачот Б.Б. е лишен од слобода и задржан во полициска станица.

По целосно расчистување и документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

За време на вршење на увидот, односно во периодот од 23:10 до 05:00 часот сообраќајот е пренасочуван на патниот правец Тетово-Велес, кај клучка Приштина кон с.Визбегово и Велес-Тетово кај клучка Мирковци. Во 05:00 часот сообраќајот е нормализиран.

 

МИА