Одбележани 123 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода Гоце Делчев

Со положување цвеќе на вечното почивалиште на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје и со одржување панихида, денеска беа одбележани 123 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода.
Цвеќе пред гробот на Делчев положи владината делегација предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заедно со вицепремиерот Љупчо Димовски и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Почит одадоа и собраниска делегација во состав Велика Стојкова-Серафимовска и Фатмир Битиќи, претставници на Кабинетот на претседателката, дипломатскиот кор, политички партии, здруженија на граѓани кои го носат името на Делчев, Сојузот на борци, Армијата на Република Северна Македонија, како и градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Меѓу присутните беа и бројни граѓани.
Во црквата „Свети Спас“ беше одржана и панихида, молитвен чин за покојните, на која се обрати поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, г.г. Стефан.
Г.г. Стефан истакна дека Гоце Делчев верувал оти вистинската борба за слобода е насочена кон постигнување на човечност, правда и достоинство. Потсети на евангелските зборови на Исус Христос – „Вистината ќе ве ослободи“, нагласувајќи дека животот посветен на таа вистина бара вера во природното достоинство на секој човек, но и постојана жртва, усилие и храброст.
- Гоце верувал дека вистинската борба за слобода е насочена кон достигнување на човечност, правда и достоинство. Самиот Господ Исус Христос рекол: „Вистината ќе ве ослободи“. А животот за таа вистина бара вера во природното достоинство на секој човек и бара усилие, жртва и храброст да се живее во согласност со таа вера. Војводата имал таква вера - вера дека секој човек има право да живее слободно и дека секој народ има право да се гради во својата сопствена средина, и дека ниту личната, ниту народната слобода не смеат да се градат врз туѓо страдање - истакна г.г. Стефан.
Затоа, како што дополни, секогаш кога го спомнуваме името на Гоце, тоа не го правиме само како израз на спомен и благодарност, туку и како прифаќање на неговите вредности како македонска рожба.
- Светот и денес има потреба од луѓе како Гоце, Македонија и денес има потреба од херои како него - личности со љубов кон сопствениот народ и со почит кон сите народи. Има потреба од луѓе кои нема да се плашат да застанат против неправдата и кои нема да дозволат да бидат водени од омраза - дополни поглаварото на МПЦ-ОА.
Премиерот Христијан Мицкоски, по оддавањето почит, изјави дека Владата ќе продолжи да ги почитува и негува идеалите на Делчев.
- Заедно со вицепремиерот и министерот за надворешни работи од името на Владата оддадовме вечен помен на жртвата на великанот, македонскиот јунак Гоце Делчев. Со тоа сакаме јасно да покажеме дека како Влада ќе сториме сè за неговите идеали - за самостојна Македонија и за македонскиот народ, но и за сите граѓани кои живеат во оваа држава - изјави Мицкоски.
Тој нагласи дека ликот и делото на Делчев мора постојано да се пренесуваат на идните генерации, затоа што вредностите за кои се залагал, според него, и денес не се целосно почитувани.
- Да се сеќаваме на неговиот лик и дело и на тој начин тој лик и дело биде пренесен и на генерациите коишто доаѓаат по нас, бидејќи вредностите во кои што верувал нашиот великан Гоце Делчев за жал денеска некои земји членки на ЕУ сеуште не ги почитуваат. Не само што не ги почитуваат, туку и не ги спроведуваат. Тој бил пред времето и како таков оставил неизбришлива трага во македонската историја и македонскиот идентитет - нагласи премиерот.
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Венко Филипче, по денешното одбележување во чест на Гоце Делчев, изјави дека идеалите на македонскиот револуционер за слободна и праведна држава се во спротивност со, како што оцени, политиките на актуелното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Упати порака до граѓаните во која најави продолжување на политичката борба за демократизација на општеството.
- Ние од СДСМ ја чествуваме годишнината од смртта на великанот Гоце Делчев со длабока почит кон неговата идеја – слободна и праведна Македонија. Во чест на борбата на Гоце Делчев, на граѓаните им порачуваме: наскоро доаѓа времето на правдата и одговорноста и некои подобри времиња и идеали за кои се бореше Гоце Делчев. СДСМ продолжува со својата заедничка борба заедно со граѓаните за враќање на власта во рацете на народот, за демократска и европска Македонија - праведна и слободна земја каква што ја сакаше Гоце Делчев - порача Филипче.
Гоце Делчев, кој светот го разбирал како поле за културен натпревар меѓу народите, беше убиен од османлиската војска на 4 мај 1903 година во селото Баница, на пат кон Сер.
Роден е на 4 февруари 1872 година во Кукуш, во семејството на Султана и Никола Делчеви. Се школувал во Солунската гимназија и на Воената академија во Софија, а како учител работел во Штип. Како член на Централниот комитет на ТМОРО учествувал во создавањето на мрежата на Организацијата, бил дел од Солунскиот конгрес на ВМРО во 1896 година и до 1901 година дејствувал како задграничен претставник во Софија. Неговите посмртни останки, по повеќекратни преместувања, на 11 октомври 1946 година се положени во црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде и денес македонската јавност му оддава почит.
МИА
Ново на Сител
-

ЦУК: Ставен под контрола пожарот во Шуто Оризари, гореше машина за мелење железо
-

Мицкоски: Во март значаен раст на индустриското производство од 3 проценти, двоцифрен кај трговијата на мало
-

Намален бројот на работниците во индустријата
-

Ѓорѓиевски: Гоце Делчев е симбол на слободата, на непокорот и на вечната македонска борба за достоинство
-

Мицкоски: Бугарскиот наратив кон Македонија нема да се промени, се додека кај нас има структури подготвени да коленичат пред бугарските власти
-

Мицкоски: Македонија со убедливо најниска цена на горивата, не се планира ново намалување на ДДВ за дизелот
-

Израелска телекомуникациска инфраструктура користена за следење луѓе во повеќе од десет земји
-

Адвокатката на Дејан Јованов бара исклучување на јавноста и реакција на судот поради закани упатени кон него
