Македонија
20. April 2026 - 16:40

Обвинителството тврди: Парите се на Ристов

Јавното обвинителство за организиран криминал има непобитни докази дека 350-те илјади евра кои истражителите ги пронајдоа во куќата на родителите на апелацискиот судија Ѓоко Ристов, се негови, и дека се противправно стекнати.

Обвинителката Искра Хаџивасилева и шефот на обвинителството Ислам Абази на брифинг со новинарите го образложија обвинението за противправно стекнување имот и за перење пари, кое беше поднесено во петокот, во исто време кога Организиран соопшти дека се спогодило со поранешниот државен правобранител, Фехми Стафа за примање поткуп во висина од 50.000 евра, и за кој ќе отслужи затворска казна од една година и три месеци.

Одбраната на судијата Ристов, прво тврдеше дека парите биле од продажба на лозје, но потоа во текот на истрагата ја променила одбраната со оправдување дека Ристов штедел многу. Обвинителите тврдат, успеале да докажат дека ниту едно тврдење не е точно.

-Обвинителството низ доказите коишто ги собираше, практично, до последниот ден од истрагата просто ќе успее да ги демантира сите оние аргументи кои одбраната ги понуди како аргументи на делата кои се обвинува, вели обвинителката Искра Хаџивасилева. 

Обвинителството поседува и докази дека 350-те илјади евра кои беа пронајдени во ѕидот ги криел токму судијата Ристов.

-Во текот на истрагата обезбедивме непобијни докази дека токму обвинетиот Ѓоко Ристов е оној кој ги крие парите, кои се противправно стекнат имот. „На кој начин?“ -Го утврдивме со вештачење, вештачење на биолошки траги, образложи обвинителката.

Обвинителите сепак не знаат на кој начин судијата ги стекнал парите, дали се од мито и точно од кој предмет. Меѓутоа, фактот што биле пронајдени пари кои тој не можел да ги заработи со судијската плата - е пресудно да покренат обвинение за перење пари.

Обвинителството обзнани дека во текот на претресот, освен парите, во просторијата биле пронајдени и списи од други предмети кои во поголем контекст, според Обвинителството, докажуваат дека тој тргувал со влијание.

Во однос на луксузниот стан од 140 метри квардратни на Варшавска во Скопје, обвинителите открија дека бил купен од страна на таткото на судијата Ристов, а потоа му бил подарен. Истражувале дали и овој стан е стекнат противзаконски, за што сѐ уште имаат сомнеж, но велат, не можат да го докажат.

За спогодбата со Фехми Стафа, обвинителката кажа дека иако казната не е висока, таа сепак не е минимална и ја задоволува правдата. Стафа беше фатен како прима поткуп од сестрата на Љупчо Пецов Ѓаволот, за укинување на притвор за случаот „Синџир“ во време кога Ѓаволот беше во бегство. Обвинителството до Ристов исто така стигна по пријава на Ѓаволот.