Обвинителството се уште чека извештај од обдукцијата врз малата Јана
И три недели од смртта се уште не е готов обдукцискиот наод кој треба да покаже од што почина малата Јана од Битола. Исказ во битолското обвинителство ќе дадат и нејзините родители. Кристина и Стојче Христовски добиле покана за 12 мај. Тие уште претходниот месец побараа вистината да излезе на виделина и да се дознае зошто детето кое на нозе го однеле на детското одделение,го изгубиле само 5 часа по приемот.
За извршување на судско-медицинските вештачења, потребно е определено време, согласно објективните околности и времетраењето на анализите кои треба да се извршат, бидејќи задолжително е почитување на прецизни протоколи за работа со цел да се обезбеди целосна точност и веродостојност на добиените резултати, ни одговорија од Обвинителството.
Освен за случајот со Јана, битолскиот обвинител врши разговори со сите лица кои би можеле да имаат сознанија и за починатото новороденче во болницата. За 6 годишното девојче Државниот санитарен и здравствен инспекторат не најде пропусти во третманот, но за бебето кое почина кратко по породувањето и лекувањето на родилката ќе има прекршочни мерки поради несоодветна евиденција.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе ја спроведе прекршочната постапка согласно роковите зададени во законската регулатива.
Гинеколошко акушерските одделенија се предмет на контрола, согласно изготвениот годишен план на Инспекторатот.
Гинекологот што ќе биде парично казнет не се соочува прв пат со обвинение. Против него пред две години имаше кривична пријава бидејќи дозволил доктор без лиценца да прави царски рез.
И додека инспекторите ја разгледувале документацијата, Комисија од специјалисти врши стручен надзор и за 7 дена треба да дадат извештај дали биле почитувани протоколите за лекување на родилката и бебето.
Во очекување на сите неопходни извештаи, вчера битолчани по трет пат на протест побараа јавно да бидат кажани причините за смртта на Јана и новороденчето.
Со едноминутен молк и звукот на сирената пред битолската болница порачаа дека алармот е вклучен и инспекциите да не доаѓаат во болницата само кога има трагедии.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
