Обуки и развојни решенија вработените во јавниот сектор и малите и средни бизниси можат да добијат на ФЕИТ
Дигитализација, софтверски решенија, обуки за вештачка интелигенција. Вработените во јавните претпријатија, но и вработени во мали и средни претпријатија можат да добијат помош од професорите на ФЕИТ доколку сакаат професионално да се надградат или да ја модернизираат својата компанија. Во Центарот за трансфер на технологии и иновации се одржа една од многубројните обуки за вештачка интелигенција.
Но освен обуки ИНОФЕИТ нуди широк спектар на дополнителна поддршка.
„Даваме неколку типа на услуги. Од Теst before invest, значит тестирање пред инвестирање, обуки, пристап до финансии и вмрежување. Сите овие услуги, компаниите, заинтересираните страни, јавните претпријатија ги добиваат бесплатно“, вели професорот Димитар Ташковски од ФЕИТ.
Најголем интерес за професионална надградба покажуваат вработените во јавните претпријатија. Меѓу нив се и наставниците од основните и средните училишта кои ќе треба да ги обучат и своите колеги, но и да почнат да применуваат изучување на вештачка интелигенција во училиштата. Кај компаниите, пак, интересот е поголем за развојните услуги.
„Бројот на слушатели на еден курс е околу 8 до 10. Секоја компанија за одредена област тешко може да обезбеди толку луѓе, меѓутоа, интересот кај малите и средни компании кај нас е повеќе за овие „Test before invest“ односно развој на „Proof of concept“ односно прототипови на некои дигитални решенија во процесот на работа. Така што, многу сме задоволни од интересот на малите и средни компании во тој дел“, вели Ташковски.
Услугите кои ФЕИТ во моментот ги нуди се бесплатни за учесниците бидејќи станува збор за проект на Европската Унија вреден два милиони евра, средства кои Европска Унија „по пола“ ги плаќа со државата за забрзување на процесот на технолошки развој на јавниот и бизнис секторот.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
