Нови научни сознанија за поврзаноста на канабисот со кортизолот и стресот

Иако канабисот често се смета за средство за ублажување на стресот, новите наводи од американскиот Државен универзитет во Орегон посочуваат дека редовната употреба може да има спротивен ефект. Научниците поподробно ја разгледаа врската меѓу канабисот и стресот откако и претходни истражувања покажуваа дека марихуаната може да ги зголеми, наместо да ги намали нивоата на стрес, објави „Сајенс алерт“ (Science Alert).
Научниот тим се сосредоточи на оската хипоталам-хипофиза-надбубрежна жлезда (ХПА), клучен систем за одговор на стрес којшто го контролира лачењето кортизол. Наодите, објавени во списанието „Канабис“ (Cannabis), покажуваат дека луѓето кои редовно користат канабис имаат повисоки нивоа на хормонот веднаш по будењето.
– Нашето истражување укажува дека нивоата на кортизол по будењето би можеле да послужат како невробиолошки маркер за проблематичната употреба на канабис. Оваа врска треба дополнително да се истражи – вели неврологот Анита Червенка.
Истражувањето опфатило 39 редовни корисници на канабис и 43 некорисници или контролни испитаници. Учесниците дале примероци од плунка веднаш по будењето, 30 минути подоцна и во 21 часот во текот на два работни дена. Примероците се тестирани за ниво на кортизол, а учесниците, исто така, пополнија прашалници за нивниот субјективен стрес, квалитетот на спиење и симптомите на менталното здравје. Контекстот на испитувањата е зголемувањето на употребата на канабис, поттикнато од легализацијата и зголемената достапност.
Истражувачите биле особено заинтересирани за одговорот на будење на кортизол (КАР), или утринското покачување на кортизолот. Се смета дека тоа е природен одговор со којшто телото се подготвува за денот.
– КАР е зголемувањето на кортизолот што секој го доживува наутро, достигнувајќи врв околу 30 минути по будењето. Претходни истражувања од други истражувачи открија дека КАР е ослабен кај честите корисници на канабис, но не го добивме истиот резултат. Ова посочува дека постојат бројни нијанси што би можеле да бидат поврзани со аналитичките стратегии и својствата на примерокот – додаде Червенка.
Главниот наод на студијата е дека зголемувањето на кортизолот било слично кај двете групи во рок од 30 минути по будењето. Сепак, редовните корисници на канабис имале повисок кортизол во основата. Исто така е важно да се напомни дека врската помеѓу канабисот и стресот може да биде двонасочна – луѓето под поголем стрес може да користат канабис почесто и обратно. Овие резултати не докажуваат причинско-последична врска.
Се наведува и дека покачениот кортизол придонесува за анксиозност и срцеви заболувања.
– Ќе треба да ги следиме истите групи луѓе во подолг временски период за да разбереме каква било причинско-последична врска. Сепак, сметаме дека ова обезбедува важна почетна точка – вели Червенка.
Податоците од САД покажуваат дека 29 отсто од луѓето на возраст од 19 до 30 години користеле канабис во еден одреден месец, што е речиси двојно повеќе од пред 20 години. Сликата е дополнително усложнета од сличен научен труд претходно оваа година и наодите што откриваат дека хроничната употреба на канабис можеби е поврзана со понизок КАР.
Ново на Сител
-

Клековски: При патувања во Африка и Индискиот Океан да се следат препораките од СЗО за потребата за вакцинација и профилакса
-

Тела на пет бебиња пронајдени во картонски кутии во семејна куќа на југот на Франција
-

Мицкоски: Фокусиран сум на работа и проекти за доброто на граѓаните, политичите калкулации и ги оставам на опозицијата
-

Нови научни сознанија за поврзаноста на канабисот со кортизолот и стресот
-

Гоце Тодоровски ќе биде погребан денеска
-

Ѓорѓиевски: Учениците од прва година од средните училишта во Скопје првпат ќе добијат бесплатни униформи
-

Анкета: Само една третина од Американците ја поддржуваат војната со Иран
-

Уапсен 19-годишниот Македонец кој се бараше за обид за убиство на член на Шкаљарскиот клан
