Нова надеж за трансплантациите: Бубрег од свиња функционирал 271 ден во телото на пациент и го ослободил од дијализа

Бубрег од свиња пресаден кај пациент од САД функционирал рекордни 271 ден – најдолго време досега забележано. Тим Ендрјус, примателот на трансплантот, рекол дека постапката му дала нова надеж и го поштедила од месеци дијализа, јави „Би-би-си“.
Поради хроничниот недостиг на органи за трансплантација, лекарите и научниците истражуваат ксенотрансплантација, т.е. употреба на органи од животински видови. Само во САД, околу 100.000 луѓе чекаат бубрег, а секоја година се вршат само 25.000 пресадувања. Медицинскиот тим во болницата „Мас џенерал Бригам“ во Бостон вели дека нивната работа покажала како животинските органи можат да послужат како привремено решение додека пациентот чека човечки дарител. Во Велика Британија, има повеќе од 7.000 пациенти на списокот на чекање.
На Ендрјус лекарите му кажале дека може да чека до седум години за човечки орган, иако пациентите на дијализа преживуваат во просек пет години.
– Времето ми истекуваше, што е навистина депресивно, рече тој, опишувајќи ја идејата за пресадување свински органи како „светлина на крајот од тунелот“ и нова надеж. – Најважна е надежта. Тоа е шанса да се симнете од машината и да го живеете својот живот, рече тој.
Д-р Леонардо Риела од „Мас џенерал Бригам“ потврди дека недостатокот на органи создал криза.
– Вложуваме огромен напор да им дадеме надеж на луѓето. Веруваме дека ксенотрансплантацијата може да биде решение за пациентите кои немаат жив дарител, што би ја избегнало дијализата и би им овозможило веднаш да добијат трансплантација, рече тој.
На почетокот, имало знаци дека телото го отфрла органот, но лекарите успешно го решиле ова со прилагодување на лековите. Сепак, по околу шест месеци, крвните садови во бубрегот почнале да се влошуваат, органот добил воспаление и почнал да ја губи функцијата. Но, не се пронајдени траги од антитела што би го нападнале свинскиот бубрег.
„Овој случај ги покажува и потенцијалот и преостанатите предизвици на клиничката ксенотрансплантација на бубрег“, велат лекарите во својот напис во „Лансет“.
Свињите се сметаат за скоро совршени животни за ксенотрансплантација бидејќи нивните органи се со соодветна големина и нивното размножување е добро воспоставено. Сепак, без соодветно приспособување, човековото тело веднаш би го препознало свинскиот бубрег како туѓо тело и би почнало моќен имунолошки напад што би го уништил. Затоа научниците одгледуваат мали свињи од Јукатан со дури 69 геномски промени за да ги направат нивните органи покомпатибилни со човечкото тело. Овие промени отстрануваат делови од свинските клетки што човечкиот имунолошки систем ги препознава како закана.
По 271 ден со свински бубрег, Ендрјус минал 82 дена на дијализа, а во јануари оваа година, успешно му е пресаден човечки бубрег, којшто оттогаш работи без проблеми.
МИА
Ново на Сител
-

Од 2012 до 2025 не е извршена инспекциска контрола во „Пулс“ од инспектор за противпожарна заштита
-

Српски медиуми: Вонредни парламентарни избори на 25 октомври
-

Мицкоски: Растот на индустриското производство од 3,4 отсто е индикатор дека состојбата е стабилизирана
-

Тошковски: Организираниот криминал во затворите не е изолиран проблем - потребен е заеднички и координиран одговор
-

Николоски: Ветивме дека Градскиот воз ќе почне на 1 септември и така се случи
-

Јаневска: Училиштата да ги следат протоколите за постапување кога температурите се превисоки
-

Јаневска за затворањето училишта: Ова се болни реформи, но во моментов сме во критична ситуација
-

Четвртоодделенците во Аеродром и годинава добиваат таблети, првите 30 им ги врачија министерката и градоначалникот
