Македонија
20. September 2026 - 17:44

Измама со помош на вештачка интелегенција – пациент си искреирал конзилијарно мислење за лек

Пациент со вештачка интелегенција си искреирал конзилијарно мислење за терапија што е на позитивната листа на лекови. Измамата била откриена случајно кога Фондот за здравствено осигурување го вратил извештајот на Неврологија бидејќи не се совпаѓал факсимилот на еден од лекарите. При проверката од клиниката откриле дека не е само печатот на докторката кој всушност бил на колега од друга болница, туку со злоупотребата биле целосно погрешни и останатите печати, дел од имињата на невролозите  како и називот на установата која не постои во здравствениот регистар – Институт за рехабилитација – универзитетска клиника за неврологија. 

- Но кога го погледмавме конзилијарното мислење кое што мислевме дека е издадено од нашата клиника, всушност свативме дека станува збор за документ кој што е направен со вештачка интелегенција и комплетно лажен и веројатно тоа и истрагата понатаму ќе го покаже. Од трите колешки што се потпишани едната нема факсимил, на втората колешка исто така и е згрешено името односно презимето и исто така и на втората колешка и е грешен факсимилот. И печатот на клиниката со кој се заверува е целосно погрешен, изјави асс. Д-р Јован Божиновски, директор на Клиника за неврологија. 

Лицето со години било пациент на Неврологија и за неговата дијагноза ја добивал оваа терапија за која требаат потписи и печати од тројца доктори. Откако најверојатно не успеал со лажниот извештај, пред неколку дена пак бил на клиниката на преглед. Од Неврологија се загрижени за овој случај и истиот веќе е пријавен во Министерството за здравство. 

- Ова е пријавено во петокот до Министерството за здравство а понатаму сигурно надлежните институции како МВР одделот за комјутерски криминал сигурно ќе постапува за да се расчисти. Бидејќи овде се отвора и едно поконкретно прашање дали вакви конзилијарни мисења поминале веќе дали за лекови, дали е тоа за боледувања или бањско лекување. Така што, сериозен е проблемот и треба да се постапи сериозно и во таа насока ние како клиника пристапивме, вели д-р Божиновски. 

Дали и какви санкции ќе има ќе покаже истрагата доколку биде направена. Вештачката интелегенција колку може да помогне, толку може и да направи штети со сериозни последици ако не биде користена правилно.