Македонија
20. September 2026 - 17:43

Со 500 евра казнет граѓанин кој фрлал градежен шут и кабаст отпад

Парична казна од 500 евра заработи лице кое доцна синоќа фрли градежен шут и кабаст отпад во населбата Кисела Вода. Инспекторите на Град Скопје го фатија на дело, по што веднаш му изрекоа глоба за сторениот прекршок.

Овој случај е сликовит пример за тоа како се создаваат дивите депонии. И не е прв. По серијата слични случаи кои изминатата недела го привлекоа вниманието на јавноста и завршија на насловите во медиумите, повторно се наметна прашањето дали актуелните казни се доволни или е неопходно нивно зголемување?

Претседателот на ЗЕЛС за Сител вели дека локалните самоуправи уште одамна барале построги санкции бидејќи сегашните се премногу ниски, а поради неодговорноста на поединци - трпи целата заедница.

Се отвора уште еден сериозен проблем – недостатокот на кадар. Во моментов, повеќе од 50 проценти од општините во земјава воопшто немаат инспектори за животна средина. Проблемот со дефицитот на инспектори не е само на локално, туку и на централно ниво. Државниот инспекторат веќе подолг временски период функционира со само 13 инспектори – бројка која е далеку од доволна за цела Македонија.

Прашањето за висината на казните и еколошката свест повторно се разгори откако жена беше снимена од сограѓанин како фрла отпад во реката Лепенец, а Министерството за внатрешни работи неодамна казни и две лица за фрлање отпад во Шуто Оризари. Сите овие случаи беа откриени и санкционирани благодарение на директните пријави од совесни граѓани.