Македонија
20. September 2026 - 17:41

Човечкиот фактор и годинава главна причина за шумските пожари

До средината на септември годинава, во земјава се регистрирани близу 150 шумски пожари. Иако во однос на минатите години има одредено намалување, од  Македонски шуми   велат дека бројката сепак е голема. Според првичните анализи и оваа година човечкиот фактор останува клучната причина за пожарите на отворено, без разлика дали станува збор за намерни или ненамерни дејствија.

Комплетната проценка на штетите допрва ќе се прави, бидејќи се уште има активни пожари. Според податоците, заклучно со јули тие изнесувале околу 4 милиони евра, што е значително помалку во споредба со претходните години. Лани штетите надминаа 50 милиони евра, а во 2024 година достигнаа рекордни 83 милиони евра.

Од јавното претпријатие велат дека во справувањето со пожарите годинава значајна улога имала опремата набавена на почетокот на годината. Најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со вложувања во оваа насока, пред се за поголема безбедност на вработените, но и за полесно справување со предизвиците при гаснењето на пожарите.