Балкан
12. September 2026 - 14:26

Србија/Избори: Партиите се изјаснуваат дали ќе учествуваат на изборите или ќе ја поддржат Студентската листа


Повеќето партии и движења во Србија се изјаснија дали самостојно ќе учествуваат на вонредните парламентарни избори в недела, 25 октомври, или планираат да ја поддржат Студентската листа.

Досега кандидатурата ја објави листата „Обединета Србија“, која ќе биде собрана околу актуелниот претседател на Србија, Александар Вучиќ, и Српската напредна странка (СНС), како и „Студентската листа – Студентите победуваат“, односно листата предложена од студентското движење, кое во мај лани побара распишување вонредни избори.

Бројни опозициски партии и локални движења објавија дека нема да учествуваат на изборите во корист на Студентската листа и дека ги ставаат на располагање сите свои ресурси на студентите.

Меѓу нив се Демократската партија (ДС), Крени-Промени, Зелено-левичарски фронт (ЗЛФ), Движењето на слободни граѓани (ДСГ), Двери, Социјалдемократската партија (СДС), Лигата на социјалдемократите на Војводина (ЛСВ), Движењето за децентрализација на Србија (ПОДЕС), Движењето за обнова на Кралството Србија, Доста е, иницијативата ПроГлас, Движењето – Љубов, Вера, Надеж; Локален фронт, Црногорската партија и бројни други локални или неформални движења.

Најавата дека ќе учествуваат на листата „Обединета Србија“ досега ја потврдија Српската радикална странка (СРС), Партијата на обединетите пензионери на Србија (ПУПС), Српската народна партија (СНП) и Работничката партија, додека другите партии кои претходно беа во коалиција со СНС се уште не се огласија јавно.

Учество на изборите најавија Националното движење на Србија (НДС), Новото лице на Србија (НЛС) и Еколошкото востание на листата „Избор на народот“; како и Партијата за слобода и правда (ССП), Србија центар (СРЦЕ) и Граѓанското движење „Солидарност“ што ќе бидат на листата „Европска Србија“.

Новата демократска партија на Србија (Нова ДСС) ќе учествува на изборите со Движењето за Кралството Србија – Монархисти, на листата „Автентична десница“, а Народната партија најавува учество со движењето „Ние силата на народот“.

Социјалистичката партија на Србија (СПС) ќе учествува на изборите со Социјалдемократската партија на Србија (СДПС), Единствена Србија и Зелените на Србија, додека Движењето на силите на Србија на Богољуб Кариќ најавува независно учество на изборите.

Бројни малцински партии, вклучувајќи ја Партијата за правда и помирување, Партијата за демократска акција на Санџак, Сојузот на војводинските Унгарци, најавија независно учество на изборите, додека Санџачката демократска партија учествува на изборите со Црногорската демократска партија.

Движењето Ние – Глас од народот потврди дека не учествува на изборите, бидејќи нема логистика.

Конечниот број на гласачи, кои ќе имаат право да гласаат на 25 октомври, ќе биде познат 15 дена пред изборите, кога ќе биде затворен избирачкиот список.

На претходните парламентарни избори во декември 2023 година, право на глас имаа 6.500.666 граѓани, кои гласаа на 8.273 избирачки места, вклучувајќи 81 избирачко место во 35 земји низ целиот свет. На тие избори гласаа 3.820.746 граѓани, односно 58,77 проценти од запишаните во избирачкиот список.

На 25 октомври граѓаните ќе гласаат за изборни листи на кои се предлагаат 250 кандидати за пратеници во српскиот парламент, а победникот на изборите ќе назначи претставник кој потоа ќе предложи нова влада.

Ова ќе бидат шести избори за републичкото собрание на Србија, откако СНС дојде на власт во 2012 година, кое го основа Вучиќ по расколот во Српската радикална партија, на Воислав Шешељ, која сега го поддржува. Оттогаш, СНС победи на сите избори.

Од 14-те парламентарни избори во модерната историја на Србија и Сојузна Република Југославија, гласањето се одржуваше редовно само четири пати – во 1990, 1997, 2012 и 2020 година.

Вонредни избори имаше дури 10 пати. Наскоро ќе бидат на 11-ти.

А, од 2012 година и доаѓањето на СНС на власт, изборите се одржаа петпати, од кои четири беа вонредни, и покрај „стабилното мнозинство, отсуството на институционална криза или криза на легитимитетот“. СНС убедливо победи секој пат. Првиот пат беше веќе во 2014 година, само две години откако прогресивците дојдоа на власт.

Во образложението на тогашниот премиер, денешен министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, се наведуваше дека „понатамошното остварување на започнатите цели и реформи бара највисока политичка поддршка од граѓаните на Србија“. Александар Вучиќ, дотогаш министер за одбрана и „прв заменик-премиер“, стана премиер, кој во меѓувреме стекна голема популарност. Веќе во 2016 година, Вучиќ бара нов настап на гласачките места.

Сепак, тој веќе се кандидираше за претседател во 2017 година и го победи својот главен конкурент Саша Јанковиќ.

Следеа редовни парламентарни избори во 2020 година, кои беа бојкотирани од голем број опозициски партии и кога СНС освои најголем број гласови во историјата – 63 проценти.

Потоа во 2022 година се одржа вонредно гласање, заедно со претседателското, кога Вучиќ освои околу 60 проценти од гласовите во трката против кандидатот на опозицијата Здравко Понош. Вучиќ доби повеќе од два милиони гласови.

Ново излегување на гласачките места следеше уште во 2023 година, по бранот протести поради масовното убиство во основното училиште „Владислав Рибникар“ во центарот на Белград. Иако тогаш СНС убедливо победи (48 проценти од гласовите), опозициската коалиција „Србија против насилството“, чии лидери беа Мариника Тепиќ и Мирослав Алексиќ, го постигна најдобриот резултат откако прогресивците дојдоа на власт – 24 проценти од гласовите.

Дачиќ беше првиот премиер по победата на СНС во 2012 година. Тој ја водеше владата од јули 2012 година до април 2014 година. После тоа, Александар Вучиќ беше премиер – од 27 април 2014 година до 31 мај 2017 година.

Ана Брнабиќ, првата жена во политичката историја на Србија и првото отворено ЛГБТ+ лице, дојде на чело на владата. Брнабиќ ја водеше владата вкупно седум години – од 2017 до 2024 година.

Потоа владата ја презеде Милош Вучевиќ, поранешен градоначалник на Нови Сад и лидер на СНС.

За време на мандатот на Вучевиќ, во Нови Сад (ноември 2024) се случи трагедија – се урна бетонска настрешница на железничката станица и загинаа 16 луѓе, а тој поднесе оставка под притисок во март 2025 година. Вучевиќ поднесе оставка по напад врз студентите во Нови Сад во текот на ноќта на 28 јануари 2025 година.

Од април 2025 година до денес, владата ја предводи Ѓуро Мацут.

Вториот претседателски мандат на Вучиќ истекува во 2027 година, иако тој најави дека ќе го скрати и дека ќе распише претседателски избори што ќе се одржат до крајот на оваа или почетокот на следната година. Според Уставот на Србија, никој не може да се кандидира за претседател повеќе од двапати, а Вучиќ беше избран двапати за таа функција, која ја извршуваше континуирано од 31 мај 2017 година.

По победата над Борис Тадиќ на изборите во 2012 година, претседател на Србија стана Томислав Николиќ, кој заедно со Вучиќ претходно ја напушти СРС на Воислав Шешељ и ја основа Српската напредна странка. Николиќ беше претседател на земјата пет години, до мај 2017 година, кога го наследи Вучиќ.

На седницата на Главниот одбор на СНС во Ниш, одржана пред неколку денови, Вучиќ објави дека доколку СНС добие доволно гласови за да формира влада, неговиот кабинет ќе има многу помалку министерски места – само 12 во споредба со претходните 30 (со потпретседатели).

„Изборите се распишани по 492 дена (од нашето барање). Време е за победа“, објавија профилите „Студенти во блокада“ на социјалните мрежи неколку минути откако Вучиќ ги распиша изборите.

 

МИА