Македонија
11. September 2026 - 16:33

Претрес на 32 локации за откривање на фалсификаторите на возачки дозволи

Полицијата ја прошири истрагата за разоткривање на шемата за издавање и фалсификување на возачки дозволи со Ц и Д категорија. Се врши претрес на 32 локации за да се утврди како и колку лица биле инволвирани во оваа група кои ја злоупотребиле службената положба за да впишуваат категории за возачи на камион и автобус иако кандидатите немале положено за таква категорија. 

„Врз основа на наредби од судија на претходна постапка, обезбедени по барање на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска се вршат претреси на 32 локации во Скопје, на лица, домови и службени простории во МВР.“

Информацијата ја потврдија и од МВР но детали не откриваат. Оттаму велат акцијата е во тек со цел расчистување на случаите и обезбедување материјални докази. 

Извори за Сител откриваат дека досега се опфатени 27 лица и сите се од Скопје. Се работи за возачи кои извадиле лажна возачка дозвола за управување на автобус и камион. Од нив дел се веќе приведени. Од она што е досега познато, овие лица пријавувале дека возачката што ја имале за автомобил ја изгубиле, барале издавање нова, а при обработката на документот во системот незаконски им била додавана C или D категорија за која немале положен возачки испит. За документот кој го добивале плаќале одредена сума на мито. 

Истрагата се проширува откако внатрешната контрола на МВР ја отвори кон крајот на август кога откри дека вработени во управните служби незаконски впишувале повисоки категории. Во рамки на првичната истрага најмалку двајца вработени во МВР биле откриени при обид за издавање таква дозвола за поткуп од околу 1.400 евра.