Балкан
7. September 2026 - 20:10

Србија на чекор до избори; Студентите со порака до Вучиќ - Претседателе, конечно си надлежен

Српскиот премиер Ѓуро Мацут денеска му упати предлог на претседателот Александар Вучиќ да го распушти парламентот и да распише предвремени парламентарни избори по месеци антивладини протести што ја потресоа владата и длабоко политички ја поделија Србија.

Во своето објаснување по вонредната седница на владата, Мацут наведува дека „изборите никогаш не биле знак на слабост на државата“, туку „доказ за непоколебливата сила на демократска Србија, која безрезервно му верува на својот народ“.

„И ние веруваме во граѓаните на Србија, веруваме во обединета Србија. Затоа предлагам Владата на Република Србија, во согласност со Уставот, да му предложи на претседателот на Републиката да го распушти Народното собрание и да распише избори за народни претставници“.

Мацут оцени дека „изборите се можност за зајакнување на институциите, за намалување на тензиите и отфрлање на политиката на ексклузивност, и за враќање на политичката борба од улиците во институциите“. Тој изјави дека „дел од јавноста“ веќе долго време добива барања за предвремени парламентарни избори и дека „одговорните власти никогаш не ги игнорираат таквите барања“ и дека сомнежите за волјата на народот треба да се отстранат, а „нема подемократски и помоќен одговор“ од изборите.

Мацут, белградски ендокринолог и професор на Медицинскиот факултет, беше назначен за премиер по предлог на Вучиќ, а на 16 април лани, неговата влада ја доби поддршката од парламентот и владејачката коалиција предводена од Српската напредна странка со 153 гласа „за“ и 46 „против“.

Во времето на нејзиното формирање, неговата влада имаше вкупно 30 министерства. Најавувајќи ја својата намера да стане премиер на Србија минатата недела, Александар Вучиќ рече дека новата влада треба да биде поефикасна и да има само 12 министерства.

Вучиќ, кој со денови води кампања најавувајќи предвремени избори, во петокот изјави дека е „подготвен да ја прифати волјата“ на владејачката СНС за евентуална кандидатура за премиер, нагласувајќи дека ќе распише избори „за неколку дена“, споменувајќи „9 или 10 септември“.

Тој ја доби поддршката од СНС уште во саботата со одлуката на тоа партиско тело дека Вучиќ треба да биде носител на листата „Единствена Србија“ на претстојните вонредни парламентарни избори и кандидат на СНС за премиер, доколку таа листа победи.

Вучиќ претходно објави дека изборите ќе бидат распишани за 18 или 25 октомври.

Законот предвидува дека парламентарните избори ги распишува претседателот на државата и дека од датумот на објавувањето до денот на изборите не може да поминат помалку од 45 ниту повеќе од 60 дена. За да се одржат изборите на 25 октомври, потребно е Вучиќ, по предлогот на владата, да го распушти српскиот Парламент до 10 септември.

Уште во јули, Вучиќ изјави дека „неколку дена“ по распишувањето на парламентарните избори, ќе поднесе оставка од функцијата шеф на државата, што ќе му овозможи да влезе во изборната трка како член на партијата и граѓанин, а не како претседател на државата.

Вториот претседателски мандат на Вучиќ истекува во мај 2027 година и, според уставот, тој повеќе не може да се кандидира за таа позиција, па затоа – во случај на победа на СНС – може да смета на мандатот на премиерот и останувањето на власт, што СНС го држи во Србија од 2012 година.

Студентите во блокадата денеска објавија, откако Владата на Србија усвои образложен предлог за распуштање на Собранието и го испрати до претседателот на Србија, Александар Вучиќ, со цел да свика вонредни парламентарни избори, дека одлуката за распишување избори сега е на Вучиќ, со пораката „Претседателе, конечно сте надлежен“.
„Претседателот на Републиката сега има 72 часа да одлучи за предлогот на Владата. Ако го распушти Народното собрание, истовремено свикува и парламентарни избори“, објавија студентите на нивната веб-страница, blokade.org.
„Долго време тие ги игнорираа, ги отфрлаа и ги прогласија изборите за невозможни. Денеска започна постапката. Мацут го направи првиот потег. Владата го направи својот дел. А, сега претседателе – ти си надлежен. Имаш 72 часа. После тоа – студентите победуваат“, се наведува во соопштението.

 

МИА