Македонија
6. September 2026 - 16:23

Портокалово предупредување, висок пожарен ризик

Ново предупредување за опасност од високи температури и портокалова фаза повторно го става Штипскиот регион на листата на подрачја со зголемен ризик од пожари. По летото во кое речиси и да немаше период без огнени жаришта, високите температури, сувата вегетација и ветерот повторно се сериозна закана за отворените површини, шумите и населените места. Штипско летово беше едно од најпогодените подрачја во Истокот. Пожари избувнуваа на повеќе локации, а најголем проблем за пожарникарите беше непристапниот и стрмен терен.

- Критични места се, регионот кон општина Карбинци, планината Плачковица, од другата страна Трогерци, каде граничиме со општина Свети Николе, па следува Серта со селата Лакавица, Лесковица, Селце, Пухче. Овде имаме критични села, непристапен терен, со многу падната маса, што ни го отежнува гасењето на поажрите, изјави Благој Ренџов, командир на ТППЕ- Штип.

Во дел од пожарите се сомнева на човечки фактор и невнимание, но причините за секое жариште се утврдуваат одделно. 

- За настанувањето на пожарите најчесто е виновен човечкиот фактор. Невнимаето на луѓето доведува до големи катастрофи, додаде Ренџов

Ренџов вели дека се солидно технички екипирани, секако со постојана потреба од редовно одржување на опремата, а недостатокот од кадар се надополнува со помош од ДЗС.

- ДЗС од почетокот на сезоната ни донесе возила на интервентната пожарна. Располагаме со четири ПИНЦ-а, два БТР, нон стоп имаме лица од Дирекцијата кои дежураат овде, кои се овде 24 часа и кои навистина ни помагаат во гаснењето на огнените стихии, изјави Ренџов 

Летната пожарна сезона можеби се смирува, но опасноста не поминува. Една искра повторно може да биде доволна, целиот регион да го стави на нозе.