Викендов се затвора конкурсот за шеф на ОЈО ГОКК - Пријавени се четворица кандидати
Заклучно со овој викенд завршува конкурсот за избор на нов шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), додека во понеделник ќе се чекаат евентуалните пријави испратени по пошта. Досега во Советот на јавни обвинители пристигнале четири кандидатури. Меѓу пријавените е и вишиот јавен обвинител Јован Цветановски, кој ја потврди својата кандидатура. Во изјава за Сител вели дека по повеќе од 2 децении помианти во обвинителството за него е логично да ја презема оваа функција. Цветановски не ги открива деталите од својата програма, вели тоа ќе го презентира во наредниот период пред матичното тело, но уверува дека е подготвен да се справи со големите предизвици со кои се соочува ова обвинителство.
„Се пријавив бидејќи сметам дека по 25-26 години поминати во обвинителството логично е да застанам на оваа позиција која има многу предизвици, за кои велиме дека и те како треба да се справуваме со корупцијата и криминалот. Сметам дека ќе дадам голем придонес. Конкуренцијата не ја коментирам, секој си има право... Она што е следно, своите програми ќе ги презентираме пред Советот на јавни обвинители. Не би откривал детали од програмата, но велам дека и те како имаме приоритети.“, изјави Јован Цветановски виш обвинител.
Покрај Цветановски, во трката за раководната позиција се пријавени и обвинителката од ОЈО Скопје, Лидија Раичевиќ, како и обвинителите од ОЈО ГОКК, Искра Хаџи Василева и Фатон Азизи.Засега нема потврда дали и досегашниот шеф на обвинителството Ислам Абази се пријавил за да биде реизбран, претходно јавно изјави дека нема да ја бара довербата по втор пат.
Новиот шеф треба да ја презеде функцијата по истекот на мандатот на Абази кој трае до 8 ноември. Ќе треба да раководи со институција која одлучува за истраги против носители на јавни функции, организиран криминал и корупција на високо ниво.
По затворањето на конкурсот и формирањето на комисиите, кандидатите ќе ги презентираат своите програми пред Советот на јавни обвинители, а изборот на новиот раководител е закажан за 28 октомври, кога обвинителите на непосредни избори ќе го гласаат новиот шеф на ова клучнo обвинителство.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
