Штип ги стипендира најуспешните млади ученици спортисти
Во целост е завршена постапката за рангирање и доделување стипендии за редовни и вонредни ученици спортисти во индивидуалните и колективните спортови. На јавниот повик на Општина Штип се пријавиле 73 кандидати, а при рангирањето биле земени предвид нивните спортски достигнувања, како и успехот што го постигнуваат во образованието.
- Дел од нив условите не ги исполнуваат, тоа да биде поттик за сите кои учествуваа во сето оваа, сите оние спортисти, сите оние надежни ученици да продолжат да го користат бенефитот на општина Штип, со тоа што сите оние коишто се залагаат, кои спортуваат и се успешни во образованието општина Штип знае да ги награди, изјави Атанас Крстовски, претседател на комисијата за доделување на стипендии, ЛС- Штип.
Со оваа мерка, Општина Штип продолжува со директна финансиска поддршка на младите спортисти кои постигнуваат резултати во спортот и во образованието. Стипендиите ќе се исплаќаат во период од 12 месеци.
- Воедно ги известуваме спортистите и сите ученици кои конкурираа на овој оглас дека јавниот оглас е истакнат на огласна табла во холот на општина Штип и на веб страната на општина Штип. На сите кои се добитници им честитаме и им посакуваме поголеми успеси во наредната година“, дополнува претседателот на комисијата.
Од вкупниот број добитници, 18 ученици спортисти ќе добиваат стипендија од 3.000 денари месечно, на 31 апликант им е доделена стипендија од 4.000 денари, петмина ќе добиваат по 5.000 денари, додека двајца ученици спортисти ќе добиваат стипендија од 6.000 денари месечно. Средствата за исплата на стипендиите се обезбедени од локалниот буџет за 2026–та година.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
