Во заедничка акција згрижен повредениот пеликан во Дојран, си доби мандра за престој и редовен оброк | ФОТО

Повреда од прострелна рана е причината поради која веќе две недели посетителите на Дојран забележуваа осамен пеликан, како се движи во вода или по копно невообичаено блиску до луѓе.
Ветеринарот Ристо Ичков од Богданци, во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство и градоначалникот на Дојран, Илија Тентов, вчера излезе на терен и ја прегледа птицата. Тој изјави дека за среќа пеликанот нема повредено крило, ниту нога, како што се шпекулираше меѓу туристите и локалните жители.
-Птицата е дојдена најверојатно од југ и според она што можев да го востановам, погодена е со сачмарка под крилото. На десната страна има знаци на паднати пердуви и месото е поцрнето што значи дека имала рана. Успеавме да извршиме преглед, лесно го фативме пеликанот со оглед на тоа што беше веќе изнемоштен. Долго време бил во оваа состојба, така што откако видов дека нема ништо скршено, ја исчистив раната и му дадов антибиотик, вели доктор Ичков.

Пеликанот кој е една од најпознатите птици на Дојранското Eзеро, се најде на повеќе слики и видеа објавувани на социјалните мрежи во изминатите денови, каде се поттикна и дебата од посетителите и мештаните за да се помогне на овој езерски жител.
-Пеликанот или бабла по дојрански, е птица која живее во јато. Од Алекса Тентов, стар и искусен рибар кој цел живот е во езерото, разбрав дека овие птици доаѓале кон крајот на октомври и почеток на ноември, а си заминувале во периодот март - април. Поради долгите клунови со кои не можеле да нуркаат во водата, најчесто се хранеле со изумрени риби, или остатоци од рибарските мрежи. Живеат во јата, а изнемоштените и болните остануваат доколку не можат да тргнат со останатите од јатото. За сега со помош на локалните власти и мештаните се обезбеди посебно место на крајбрежјето каде работи концесионерот на езерото, таму редовно има риби и птицата ќе може да биде снабдувана со храна. И понатаму ќе го следиме, ако треба нешто дополнително да му се пружи како грижа, но сметам дека ќе му биде добро. За еден месец ќе дојдат и неговите другари и можно е да замине со нив, вели докторот Ичков.
Тој додава дека и пеликаните се налик на другите животни, доколку ги храниш остануваат во близина на луѓето.
Осамениот пеликан, за кој мештаните велат дека не е од вообичаените бели пеликани кои се среќаваат на ова езеро, по згрижувањето од ветеринарниот доктор добил и оброк од свежи риби од дојранските рибари.
-Пеликанот беше прилично дехидриран и изнемоштен, но прими витамини и соодветна терапија како и еден килограм рипчиња... Благодарност до ветеринарната амбуланта "Д-р. Ичков" од Богданци за упорноста во потрагата и укажаната ветеринарна помош, како и до градоначалникот на Дојран, Илија Тентов кој обезбеди постојано живеалиште - мандра за птицата и секојдневно снабдување со храна", напиша на својот фејсбук профил Тања Ололовска Ристевска, раководител на секторот за инспекциски надзор во Агенцијата за храна и ветеринарство.

-Добивме претставка на мејл за пеликанот во Дојран и побаравме помош од ветеринарните друштва од овој регион. Дивите животни не се под наша надлежност туку под Министерството за животна средина, ние се поставивме само како медијатор. Често се случува да се најдат дивите животни во ситуација кога им треба наша помош, па затоа гледаме на каков било начин да помогнеме. Затоа големо значење е кога и ветеринарните амбуланти се вклучуваат, како во овој пример, како и локалните власти, за сите заедно да обезбедиме основни услови за преживување на секое немоќно животно, изјави Ололовска Ристевска.
Таа појасни дека Агенцијата за храна и ветеринарство се приклучила кон разговорите со Министерството за животна средина и просторно планирање за во иднина да се отвори Центар за диви животни и во Македонија, како што има и во некои соседни држави, како што е Бугарија.

Исто така, додава таа, во процедура се и измените на Законот за заштита и благосостојба на животните во кој се предвидува и формирање Центар за трајно згрижување, сместување и посредување при вдомување на напуштени и бездомни животни, а се предвидуваат и многу поголеми глоби за напуштање на животни кои претходно биле згрижени кај сопственици.
МИА
Ново на Сител
-

Детето со убод во срце во стабилна, но сѐ уште животозагрозувачка состојба
-

Путин: Постои можност за мировен договор за завршување на војната во Украина
-

Познат идентитетот на загинатиот на патот Охрид-Кичево: Животот го загуби младиот кошаркарски тренер Антонио Савески
-

Во дом на битолчанец пронајдени 42 пакувања со прашкаста материја
-

Мицкоски: Од ограбена држава клекната на колена, за три години направивме подобро место за живеење
-

Во заедничка акција згрижен повредениот пеликан во Дојран, си доби мандра за престој и редовен оброк | ФОТО
-

Нов смртен случај од западнонилска треска, вкупно седум
-

Македонското оро на светската сцена во Бразил: „Студио Фолклор“ во битка за најдобрите
