Македонија
1. September 2026 - 18:06

Нема оштетување на таблата на македонската амбасада во Софија, велат од МНРиНТ

Во врска со информациите објавени во дел од медиумите, во кои се пренесува објава од социјалните мрежи за наводно оштетување и отстранување на официјалната табла на Амбасадата на Република Северна Македонија во Софија, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека станува збор за неточна информација - појаснуваат од министерството преку соопштение.

„Имено, од страна на вработените во Амбасадата е отстранета таблата поставена надвор од објектот на Амбасадата, која не била изработена согласно со воспоставените стандарди на Министерството. Официјалните табли на Амбасадата, на кои името на државата е правилно испишано, се на своето место и се целосно во функција“, појаснуваат оттаму.

Министерството апелира при известувањето за прашања поврзани со дипломатско-конзуларните претставништва да се почитуваат фактите и информациите да се проверуваат преку официјални извори пред нивното објавување. Пласирањето и пренесувањето непроверени и неточни информации не придонесува за објективно информирање на јавноста и непотребно создава погрешна претстава во јавноста, додаваат во соопштението.