Нов протест на струмичките земјоделци, бараат почитување на договорените цени за „ајварката“
Струмичките земјоделци денеска повторно излегоа на протест, револтирани од ниските откупни цени и непочитувањето на претходно постигнатиот договор за црвената пиперка „ајварка“.
И покрај договореното пиперката да се откупува по 30 денари за килограм, велат дека на терен ситуацијата е поинаква. Земјоделците уверуваат дека откупувачите самоволно ја намалиле цената на 25 денари поради што производителите работат со чиста загуба.
На протестот присуствуваше и министерот за земјоделство, кој порача дека загриженоста на земјоделците е оправдана и најави вонредни проверки на сите откупни пунктови и преработувачки капацитети.
Дополнително, за утре е закажан итен состанок со Асоцијацијата на преработувачи за да се утврди зошто се отстапува од договорените цени и да се заштити трудот на производителите.
Со реакција излегоа и од опозициската СДСМ, од каде што изразија целосна поддршка за барањата на земјоделците и упатија критики до Владата.
Земјоделците најавуваат дека доколку не се вратат договорените цени и не се заштити нивниот труд, ќе ги продолжат протестите и во наредните денови.
-

Зоран Ѓоргиев
Сите содржини од овој новинар
