Македонија
23. August 2026 - 16:42

Николоски: По првите километри од автопатот Прилеп-Битола граѓаните ќе може да возат идната година

По првите километри од автопатот Прилеп-Битола граѓаните ќе може да се движат идната година, а додека крајниот рок за целосно завршување на овој инфраструктурен проект е крајот на 2029 година. Министерот за транспорт Александар Николоски нагласи дека веќе во тек биле состаноците за тоа како понатаму ќе се одвива динамиката на работа.

„Изградбата на автопатот Прилеп – Битола оди со одлична динамика, во текот на летото имаме добри бројки, добра динамика, вчера имавме работен состанок баш тука и очекувам следната година да имаме доста добри вести и за Битола – Прилеп. Крајниот рок останува непроменет, тоа е 2029 година, но првите километри комплетно завршен автопат, зборувам комплетно во 2 насоки со по 3 ленти, со изградени помошни патишта ги очекувам веќе следната година“, рече Александар Николоски, министер за транспорт.

Освен надвор од Прилеп патната инфраструктура се подобрува и во градот каде во тек е реализацијата на еден од најкапиталните проекти досега во Прилеп изградба на мостот со кружен тек Табана, чија вредност се проценува на над 140 милиони денари или околу 2.300.000 евра. А исто така со инвестиција од 2.730.000 евра ќе се подобрува целата патна инфраструктура во градот во наредните 3 години. 

„Решаваме долгогодишен, децениски проблем овде во Прилеп и со ова заокружуваме едно послободно и понормално одвивање на сообраќајот кој носи до центарот на Прилеп. Подобрување комплетно на инфраструктурата во градот, што значи поставување и рехабилитација на нов асфалт на улици, поставување на нови тротоари и пешачки површини, поставување на оградни ѕидови“, изјави Дејан Проданоски, градоначалник на Прилеп.

Од овие 2.730.000 евра оваа година ќе бидат инвестирани околу 1 милион евра.