Loading Video...
Свет
20. August 2026 - 12:19

Преглед на вестите од светот

Хоризонтот над Киев беше запален кога руски балистички ракети го погодија украинскиот главен град рано утрово. Во нападот загинаа најмалку осум лица, десетици беа повредени, оштетени се згради, а делови од градот останаа без струја, соопштија властите. Пожари избувнаа на повеќе локации, додека нестанбени објекти, магацини и детска болница беа исто така погодени, изјави градоначалникот Виталиј Кличко. Според сведоци биле слушнати десетици експлозии. 

Бензинските пумпи во Москва повторно воведоа ограничувања за купување бензин поради недостиг на гориво поврзан со нападите со украински беспилотни летала врз рафинериите и големата сезонска побарувачка. Долги редици на некои бензински пумпи во Москва и околниот регион, додека многу пумпи се затворени или нудеа само дизел гориво. Ограничувањето се движи од 30 – 50 литри по клиент зависно од компанијата.
Украина ги таргетираше руските рафинерии за нафта во обид да ги поткопа воените напори на Москва и да ги намали приходите од енергија. За да ги зголемат домашните залихи, руските власти го забранија извозот на бензин и дизел. 

Претседателот на САД, Доналд Трамп, предупреди за економски последици против секоја земја што го поддржува Техеран или обезбедува „каков било вид помош за Иран“, напиша во објава на Truth Social. Тој не прецизираше какви конкретни чекори ќе преземе Вашингтон против таква земја и не наведе ниедна земја по име.
ИЗЈАВА ТРАМП

„Блокадата беше 100% успешна, ниеден брод не влезе во Иран, но тие влегуваат за други места. Но, ќе видиме. Ќе видиме што ќе се случи. Или ќе биде исклучително добро и цените на нафтата ќе паднат како камен, или ќе продолжиме да правиме точно она што го правиме. Знаете, тие зборуваа за 350 долари за барел, а денес е 84, 85. Значи, мислам дека Ормутскиот теснец нема да биде толку важен како што беше во минатото.“
САД и Иран остануваат во несогласувања околу Ормутскиот теснец и условите за прекин на конфликтот, а иднината на разговорите е неизвесна откако 60-дневниот преговарачки период утврден со меморандумот за разбирање заврши во понеделникот.