Четврти смртен случај од западнонилска треска – На Инфективна хоспитализирани и помлади лица
Почина уште еден од пациентите кои беа во тешка состојба на Инфективна поради компликации од западнонилска треска. Починатиот е на 76 годишна возраст од Драчево кај кого и лабораториски бил потврден вирусот, имал и други хронични заболувања.
- Пациентот 27 дена беше хоспитализирана на Клиниката, но поради дополнителните придружни сериозни заболувања и тешката невроинвазивна форма на мозокот и мозочната обвивка во доцните попладневни часови настапи летален исход.Д-р Фадил Цана, директор на Клиниката за инфективни болести
Во моментот на Инфективната клиника хоспитализирани се 20 пациенти, 18 се со потврдена вирусна инфекција, а за двајца меѓу кои и 24 годишник од Центар кој вчера бил задржан на болничко лекување се чекаат резултатите од лабораториските анализи. Денеска инфекцијата била потврдена и кај 25 годишна девојка. Сите заболени се од Скопје.
5 - мина повозрасни лица се уште се на интензивна нега и на апарати за дишење, соопшти директорот на Инфективна и додаде дека 15 пациенти биле излекувани.
- Сите кои се хоспитализирани на клиниката се со невроинвазивна форма. Тие се еден процент од 100 отсто заболени. Според статистиката, најтешка форма на болеста развиваат еден отсто од вкупниот број инфицирани. Сите пациенти се од Скопје. Медицински напреднатата возраст е независен ризик фактор за лошиот исход на оваа болест. Според сите статистики и истражувања досега е утврдено дека кога има тешка невроинвазивна форма на воспаление на мозокот и мозочната обвивка напредната возраст е независен ризик фактор кој може да доведе до лош исход, додаде д-р Цана
Од опозициската СДСМ обвинуваат дека општините не спроведуваат редовно прскање против комарци, а надлежните институции немале капацитет да се справат со епидемијата.
- СДСМ бара итна и системска реакција: следење на популацијата на комарци на територијата на град Скопје, лабораториско тестирање на примероци за присуство на вирусот, масовна дезинсекција и уништување на жариштата – канали, бари и водни површини. Да се направи итна контрола на живината и дивите птици, пријавување и тестирање на мртви птици. И, најважно, итна институционална координација помеѓу Министерството за здравство, центрите за јавно здравје, општините и Агенцијата за храна и ветеринарство, вели Кети Штерјова од СДСМ.
Скопскиот градоначалник преку ФБ статус информираше дека вечерва повторно ќе се прска против комарци и информираше дека досега биле направени 12 дезинсекции на територии кои се под надлежност на градот, а согласно годишниот план до крајот на сезоната ќе биле спроведени 20 прскања.
Дали сите општини ја исполниле законската обврска за дезинсекции треба да кажат од ДСЗИ деновиве кога ќе завршат со вонредните контроли.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
