Марихуаната ја декларирале како перници, јоргани и тортички – Двајца Македонци осудени во случајот со 5 тони дрога
Вкупна затворска казна од 7 години и два месеци заработија двајца македонски државјани за транспортот на Марихуана која беше откриена во Србија. Двајцата обвинети се дел од седумчлената група која од средината на минатата година па се до јануари оваа година, во неколку наврати од Македонија во Србија пренела пет тони марихуана. Пресудите со затворски казни се одредени со спогодба.
Велешанецот Ацо Ивановски е осуден на затвор од три години и осум мецеси. Тој ги возел камионите со кои се пренесувала дрогата. Кочанчанецот, Драган Стојанов, е осуден на затвор од три и пол години, а неговата улога била да го следи товарот или да известува ако на патот има полициска контрола. Во пресудите за двајцата осомничени стои идентичен опис за нивната улога:
„Осомничениот преземал, држел и пренсувал наркотична дрога марихуана од РС Македонија во Р Србија, со цел нејзината понатамошна продажба, при што за секој извршен транспорт добивал паричен надоместок“, се наведува во пресудите за двајцата обвинети.
Ивановски, отишол и чекор понатаму. Тој намерно запалил камионска приколка кај Нови Сад за да го прикрие недостатокот на стока. Пред српските власти лажно пријавил дека приколката се запалила сама.
За случајот, во земјава истрага се води против вкупно 13 лица, а во Србија, обвинети се шестмина.
„Досегашниот тек на истрагата укажува на поширок круг лица инволвирани во организираната криминална група. Како параван за недозволените активности било користено правно лице од Скопје кое поседува одобрение за одгледување канабис за медицински цели“, велат од Јавното обвинителство.
Дрогата од Македонија кон Србија патувала со документи на кои пишувало дека се пренесува текстил или тортички и ролати.. Камионите, робата ја царинеле легално.
Во декларациите пријавувале перници, јоргани, тортички. Потоа, кај Свети Николе се отстранувала пломбата, а стоката се заменувала со картонски кутии со марихуана со иста тежина.
Крајната дестинација била селото Коњух близу Крушевац каде што и беше откриена од српските служби. Според пресудите за двајцата обвинети, тие при враќање во Македонија, редовно внесувале по 10 илајди евра пакувани во најлонски фолии.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
