Македонија
18. August 2026 - 12:15

„Не го гаснете селото“, нов протест на родителите на учениците од с. Долни Балван

Нов протест на родителите на учениците од село Долни Балван, во општина Карбинци, зашто пред стартот на учебната година им е соопштено дека подрачното училиште од 1-ви септември ги затвора своите врати. Револтирани се зашто после макотрпно талкање по бирократските лавиринти, дошле до сознание дека Министерството за образование не ја донело оваа одлука, туку локалната самоуправа. Велат дека се изиграни од сопствените советници, кои едно им ветувале, а друго гласале на Совет на општината.

- Пред еден месец имаше седница, на која советниците изгласаа ова училиште да не се затвори. Потоа градоначалникот свикува повторно седница на која на дневен ред ја става одлуката за префлање на нашите деца од ушлиштето во село Долни Балван во село Карбинци. Со тоа ни укажува дека со нас манипулира, изјави Николче Драгев, родител на ученик во с. Долни Балван

Родителите цврсто стојат на ставот дека нема да дозволат нивните деца секојдневно да патуваат до друго населено место за да посетуваат настава и бараат училиштето да продолжи со работа. 

- Нема да дозволиме ова училиште да биде затворено, нема да дозволиме на овие дечиња овој дом да и згасне, зашто сега ако се затвори, повторно нема отворање, додаде Драгев

Ова е уште еден чекор кон депопулација на руралните средини, кои и онака секојдневно се празнат, предупредуваат родителите.

- Со секое затворање на училиште во секое село, значи и „гаснење“ на селото. Тоа значи дека и ние младите што останавме ќе си земеме визата и ќе заминеме во странство, како што и сите други го направија, изјави Драгев

 На последниот прес, градоначалникот Виктор Паунов уверуваше дека се уште не е позната судбината на училиштето за претстојната учебна година, но родителите не отстапуваат, зашто во прашање е едукацијата, безбедноста и иднината на нивните деца.