Закон за „граѓанска смрт“ во Русија: Москва им замрзнува имот и конзуларни услуги на емигрантите осудени во отсуство

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој се воведуваат привремени рестриктивни мерки за руски државјани што живеат во странство, се осудени во отсуство и, според властите, „избегнуваат извршување на казната“, објави порталот ЕУалајв (EUalive).
Законот, потпишан на 4 август, стапува во сила веднаш по неговото објавување во Службен весник.
Законот се однесува на лица надвор од Русија осудени по кој било член од Кривичниот законик, како и на оние против кои се донесени правосилни административни одлуки врз основа на политички чувствителни одредби, меѓу кои се „дискредитирање“ на вооружените сили, прекршување на правилата за статусот „странски агент“, учество во „непожелни организации“, повици за воведување санкции против Русија или оспорување на нејзиниот територијален интегритет.
Според ЕУалајв, овие одредби редовно се користат против антивоенa активисти, независни новинари и опозициски личности кои ја напуштиле земјата по почетокот на руската инвазија врз Украина во февруари 2022 година.
Министерството за правда ќе води посебен регистар на овие лица, а главниот обвинител или неговиот заменик ќе има право да ги внесува во него.
По впишувањето во регистарот, лицата ќе се соочат со замрзнување на банкарските сметки во Русија, блокирање на електронското банкарство и трансферите на пари, забрана за продажба или пренос на имот и возила, ограничување на користењето на државниот портал за услуги и електронски потпис, како и со ускратување на поголемиот дел од конзуларните услуги во странство, вклучително и издавање или обновување меѓународни пасоши. Единствен исклучок е издавањето потврда дека лицето е живо.
Мерките вклучуваат и забрана за регистрација како претприемач или самовработено лице, добивање кредити, користење државни бенефиции и овластување други лица да постапуваат во нивно име.
Правните експерти од организацијата за човекови права „Прв оддел“ оценуваат дека збирниот ефект од овие мерки претставува „фактичко одземање на државјанството“ или „граѓанска смрт“, бидејќи државата и натаму бара почитување на законите, но истовремено ги одзема практичните права што произлегуваат од руското државјанство.
По 24 февруари 2022 година, стотици илјади Руси ја напуштија земјата. Конзервативните проценки говорат дека околу 650.000 сè уште живеат во странство, додека пошироките проценки се движат од 800.000 до повеќе од еден милион лица.
Најголемиот бран иселување следуваше по одлуката на Путин за делумна мобилизација на 21 септември 2022 година, кога, според проценките, меѓу 300.000 и 400.000 воено способни мажи ја напуштиле земјата за да избегнат регрутација.
Новите мерки доаѓаат во време кога Русија се соочува со недостиг од човечки ресурси на фронтот. Руски извори и украински претставници тврдат дека во Кремљ се разговара за можен нов бран мобилизација по изборите за Државната дума во септември 2026 година, можеби уште во октомври, кој би можел да опфати меѓу 100.000 и 500.000 лица.
Иако конечна одлука сè уште нема, а Кремљ и натаму инсистира на доброволно регрутирање по договор, времето на донесување на законот, според ЕУалајв, укажува на намерата на Москва дополнително да ја зајакне контролата врз руската дијаспора.
МИА
Ново на Сител
-

Ќе се спроведе стручен надзор за породувањето на Станка која остана неподвижна со вклучен експерт од соседството
-

Германец со дрон снимал караула на АРСМ во Радожда
-

Мицкоски: Македонските аеродроми се најбрзорастечки во регионот
-

Санација на детските игралишта и урбаната опрема низ Кисела Вода
-

11-годишно дете од Долнени пријавено за иcчезнато
-

Јаневска: За трите закони за високо образование не треба бадентер, се надевам на брзо усвојување зашто губат младите
-

Регистрирани осум пожари на отворено - пет се изгаснати, два се активни, а еден е под контрола
-

Следната учебна година ќе имаме најмалку 3.000 првачиња помалку
