Протест во Крупиште
Родителите и учениците од карбинското село Крупиште излегоа на протест пред училишната зграда по добиените информации дека од 1-ви септември им се затвора училиштето. Срамота е велат во месноста каде според археолошките наоди се тврди дека е создадена глаголицата, во 21 век да нема училиште за нивните деца.
-Ова сега е стварно жално и неприфатливо, да одат сега и да се малтретираат по 20 км за да ги пополнуваат останатите подрачни училишта за им се пополни бројот на ученици, изјави Павле Ѓорѓиев, претседател на МЗ с. Крупиште.
-Кога детето ќе има 4 часа, а останатите 7, кој ќе се грижи за тоа дете таму. Како можат од прво одделение да го затворат школото. Ако не се во сотојба да одржат 2 училишта нека ја укинат општината, изјави мајка на ученик од с. Крупиште.
Со овој чин не само што ќе се депопуларизира селото, туку залудно ќе пропаднат и сите досегашни инвестиции.
-Инвестираа во спортско игрфалиште, во компјутер за секое дете. Зошто овој објект да пропадне, за биде запуштено, уништено. Штом нема луѓе, нема деца ќе се уништи и ќе се едноставно руинира, додаде Ѓорѓиев.
Родителите се заканија дека доколку училиштето се затвори, ќе преземат радикални мерки.
-Школото мора да функционира од прво до деветто одделени, ако не, ќе штрајкуваме. Нашите деца нема да одат, но и сите деца во општина Карбинци нема да одат, ќе одиме пред училиштата и ќе ги спречиме, изјави мајка на ученик од с. Крупиште.
Градоначалникот на општината демантира дека училиштето ќе биде затворено, но нема да функционира како досега.
-Ова училиште ќе продолжи да работи со една паралелка во одделенската настава, затоа што бројот на деца во ова населено место, во ова училиште изнесува под 10 или поточно брои 9 деца од прво до петто одделение и го исполнува условот за една комбинирана паралелка, изјави Виктор Паунов, градоначалник на Карбинци.
Се уште останува непознаница дали ќе продолжи со работа подрачното училиште во село Долни Балван.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
