Во Крушево почнува манифестацијата „10 Дена Крушевска Република“

Со кревањето на знамето на Крушевската Република на Гумење и свечена програма, вечер во Крушево почнува традиционалната манифестација „10 Дена Крушевска Република“, со која стартуваат чествувањата по повод Илинден – Денот на Републиката и 123-годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република.
Програмата започнува претпладне со положување цвеќе на гробот на Дамјан Груев, по што делегација на манифестацијата и на Општина Крушево ќе ја посети Спомен-куќата на Смилевскиот конгрес во селото Смилево.
Во 18 часот пред Столбот на Крушевската Република што се наоѓа до црквата „Свети Никола“ во центарот на Крушево, пред голем број граѓани ќе бидат пречекани Илинденските коњаници и ќе се формира поворка до платото на Гумење.
- Очекуваме од 120 до 140 коњаници од повеќе места од Македонија. Посебен е пиететот да им се оддаде признание и почит на коњаниците кои ги продолжуваат илинденските традиции- вели Захарија Ангелеска од националната установа- Дом на културата „10 Дена Крушевска Република“.
Делегации ќе ги посетат и ќе им оддадат почит на значајните вечни обележја: на гробот на Питу Гули на Гумење, пред споменикот на Партизанските гробишта, на гробот на Тоше Проески, криптата на илинденските востаници и пред бистата на Веле Марко на Гумење.
Во 19:30 часот пред споменикот „Илинден“ ќе биде отворена изложбата на Државниот архив „Илинденското востание во архивската меморија“.
Во 20 часот на Гумење ќе се одржи свеченото отворање на манифестацијата. Предвидени се обраќање на градоначалникот на Крушево, Нико Чонески, читање на Крушевскиот манифест и традиционалното симболично пукање од Црешовото топче – симбол на Илинденското востание и Крушевската Република.
Покрај свечениот дел на Гумење, музичка програма ќе се одржува и во Градскиот парк во центарот на Крушево.
- Годинава главен покровител е Општина Крушево. Имаме интересна програма, го зачувуваме стариот начин на празнување, односно традиционалниот дел. Главното збиднување ќе биде на Гумење, а забавниот дел ќе се одвива во Градскиот парк во центарот на Крушево- вели Ангелеска.
Централното чествување на Илинден ќе се одржи утре, 2 август, на Мечкин Камен, каде на Големиот народен собир е најавено обраќање на потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски.
МИА
Ново на Сител
-

„Ладна Вода“ нов партнер на македонските фудбалски репрезентации
-

Собрани три тона отпад во акција за чистење на булеварот „Борис Трајковски“
-

Јаневска: Ранг-листите за студентските домови се јавно објавени, тврдењата за нивно криење се дезинформации
-

Јавните обвинителства лани поднеле 334 повеќе обвиненија во споредба со 2024
-

Савески: Еден обвинител работи за тројца, но квалитетот на одлуките не е нарушен
-

74-годишен маж нападнат од неговиот син во Виница
-

Се скарале, па истурил врело кафе врз сопругата - уапсен 52-годишник од гостиварско
-

16,7 милиони денари префрлени за наводна набавка на пилешки нозе – Финансиската полиција откри шема
