Македонија
31. July 2026 - 16:28

Епидемијата во Гостивар стивнува, најави за питка вода се уште нема

Во водата во Гостивар се уште има бактерии, покажале денешните резултати од анализите од примероците кои се земале изминативе три дена. Иако нема фекалии, сепак е штетна за пиење и готвење. Викендов ќе се прават анализи, а со три последователни тестови кои ќе покажат отсуство на бактерии ќе се тргне забраната, но за некои резултати се чека и по три дена. 

Дека епидемијата стивнува покажуваат и последните податоци од здравство, во кои вчера 32 пациенти побарале лекарска помош, за разлика од пикот кога имаше над 600тини. 

Во текот на вчерашниот ден, во Општата болница и во Здравствениот дом во Гостивар биле извршени вкупно 36 прегледи, што е за 37 помалку во споредба со претходниот ден, кога биле регистрирани 73 прегледи. Во моментов, во болницата се хоспитализирани четири пациенти.

Од почетокот на следењето, во двете здравствени установи се извршени вкупно 4.483 први прегледи, соопштија од Министерството за здравство. 

Иако епидемиолошката состојба се стабилизира, од здравство денеска објавија протоколи до граѓаните за одредени заболување, како жолтица кои може да се појават по епидемијата. 

Доколку се појават:
- пожолтување на кожата или очите;
- темна урина;
- светла столица;
- гадење или повраќање;
- покачена телесна температура;
- изразен замор;
- болка под десниот ребрен лак
- губење на апетит,

Да се јават кај матичниот лекар. 

Како препораки наведуваат одржување лична хигиена, редовно миење на раце, темелно миење на овошје и зеленчук со чиста вода и следење на препораките од надлежните. 

Според лидерот на опозицијата предупредувањата и мерките од институциите се задоцнети.

- Водата во Гостивар е показател дека сите реакции се задоцнети. Дури денеска Министерството за здравство носи некакви препораки за рано детектирање и откривање симптоми, детекција на пациенти, кога веќе епидемијата има многу силен замав. Сега стигнуваат препораки од Комисијата за заразни болести, денеска Пред две недели предупредив дека следно што може да се јави е хепатит, изјави Филипче на денешниот брифинг со новинарите. 

Водата во Гостивар смее да се користи само како техничка вода, од понеделникот.