Урагански ветар пустошеше по Истокот
Дождот и силниот ветар кој носеше се пред себе направи штети во неколку општини на Истокот. Урагански ветар однесе дел од кровната конструкција на штипската Клиничка болница. Поради паднатиот лим од кровната конструкција дел од пациентите од одделението за ортопедија се преместени на другите одделенија во болницата.
- Некаде околу 15 до 20 пациенти се, бидејќи тоа не е целиот дел од ортопедското одделение и операционата сала на ортопедија. Но, бидејќи имаме и други операциони сали, ќе се адаптира, ќе се прилагодиме за да ги пружиме навреме нашите медицински услуги за населението, Билјана Ефтимова заменик директор на Клиничка болница-Штип.
Денес од болницата информираа дека е испратено избвестување до сите здравствени институции во регионот до санирање на штетите, да не се препраќаат пациенти со скршеници во штипска клиничка. Невремето направи штети и на други институции и домовите на граѓаните. Некои од улиците останаа без струја.
- Mорам да констатирам дека е предизвикана материјална штета на приватни имоти, на институции. Имаме доста случаи евидентирано во повеќе населби на паднати дрвја, гранки, кровни конструкции, оштетени возила, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Краткото, но силно невреме предизвика големи штети и во Кочани. Општината, веднаш ги мобилизираше сите расположливи средства и кадар и уште пред да падне мрак започна интензивна акција за расчистување на најкритичните точки.
- Приоритети ни беа блокираните патишта, бидејќи речиси да немаше село да не е отсечено од паднато дрво. Блокирани беа патиштата помеѓу село Бања и село Тркање, каде имавме големи штети. Се работи на терен, се расчистуваат дрвата. Според нашата евиденција до 90% од се што е пријавено го реализиравме максимално брзо, изјави Владко Грозданов, градоначалник на Кочани.
Материјални штети од невремето се регистрираат и на подрачјето на општините Пробиштип и Свети Николе. Според информациите на хидрометеоролошкиот завод во последните 24 часа најмногу дожд наврнало во Штип, 18 литри на метар квадратен.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
