Македонија
22. July 2026 - 16:33

Епидемијата во Гостивар стивнува велат од здравство, цистерни вода ќе се носат од други градови

Епидемијата во Гостивар полека се стабилизира. Според последните информации на Министерството за здравство, за 40% е намален бројот на нови прегледи.

Во Општа болница „Д-р Ферид Мурад" – Гостивар се регистрирани 60 нови прегледи на инфективното одделение, 37 нови прегледи на педијатриското одделение и 11 прегледи во Ургентниот центар, односно вкупно 108 нови прегледи. На инфективното одделение се примени 2 нови пациенти на болничко лекување, додека на педијатриското одделение нема нови хоспитализации. Во Здравствениот дом Гостивар се регистрирани 87 прегледи во дежурна служба и 17 повици до Итната медицинска помош.

Според министерот за здравство, здравствената состојбга е под контрола, а приоритет за Гостивар сега ќе биде да се врати во употреба водоводната мрежа.

Во меѓувреме, Главниот штаб при ЦУК на деншната вонредна седница, побара од Општина Гостивар итно да ги дефинира критичните локации и лицата за контакт, за да може техничката вода веднаш да стигне до објектите од витално значење. На помош за снабдување на граѓаните на однапред одредените пунктови се вклучуваат уште шест општини – Куманово, Тетово, Дебар, Кичево, Кавадарци и Неготино, кои испраќаат сопствени цистерни. Во поддршката се приклучува и Армијата, која веќе ги стави во приправност своите две цистерни, подготвени да излезат на терен штом за тоа се укаже потреба.

Истовремено, Институтот за јавно здравје, ЈП„Водовод“ – Скопје и Агенцијата за храна и ветеринарство ќе продолжат со засилени теренски испитувања на квалитетот на водата, а резултатите редовно ќе ги доставуваат до Главниот штаб при Центарот за управување со кризи, соопштија од ЦУК.

Најважно во моментов е да се обезбеди техничка вода за Гостиварци и вода за пиењ, вели премиерот Мицкоски.

Владината Служба за општи и заеднички работи продолжува со испорака на питка вода до гостиварци, додека ЦУК апелира до сите граѓани доследно да ги следат упатствата и новите соопштенија од институциите.