АХВ со засилени активности во Гостивар: Инспекторите земале дополнителни мостри од болницата и други објекти за испитување
Дополнителни контроли и вонредни инспекции на целиот водоснабдителен систем, откако во Вруток беа откриени диво поставени пумпи кои вбризгувале нечиста вода во главниот цевковод на градот - чии крајни консумирачи се гостиварци. Инспекторите на АХВ земале мостри од чешми во градинки, црква, џамија, болница и угостителски објекти и примероците веќе се испитување.
Додека се чекаат официјалните резултати од Институтот за јавно здравје, на сила останува строгата забрана за употреба на водата.
„Целта на вонредните засилени мерки е да се утврди изворот на контаминација, степенот и обемот на загаденоста, како и да се обезбедат нови, релевантни резултати врз основа на кои ќе бидат преземени сите дополнителни понатамошни мерки во конкретниот случај“, изјави Оливер Малинов, директор на АХВ.
Освен дополнителни мостри, инспекторите ги чешлаат и угостителските објекти во Гостивар. Проверуваат дали се обезбедени алтернативни извори на вода, бидејќи сегашната не смее да се користи - со оглед дека е сезона на свадби но и повратници од странство. Каде законот не се почитува – надлежните најавија строги казни.
Пумпите за кои обвинителството утврди дека биле поставени на диво, не биле ниту дел од дозволата што ја издаде Министерството за животна средина, обелодени директорката на Инспекторатот.
„Од страна на Државниот инспекторат, а во поглед на дозволата за користење на вода за снабдување со вода на градот Гостивар и одредени селски населби, која е издадена од Министерството за животна средина на барателот Комуналец Гостивар извршен е увид на лице место, при што е утврдено дека предметното зафаќање на вода за кое и јавноста е информирана не составен дел на дозволата која ја поседува Комуналец Гостивар“, изјави Ивана Гиновска, директорка на Државниот инспекторат.
Министерот Мухамед Хоџа очекува и кривична и морална одговорност од надлежните.
„Снабдувањето со вода за пиење, одржувањето на водоводните системи, собирањето и третманот на отпадните води се надлежност на општините и јавните комунални претпријатија. Општините се првата линија на одговорност за безбедното функционирање на овие системи, како и за воспоставувањето и заштитата на санитарните заштитни зони околу водните извори“, изјави министерот за животна средина Мухамед Хоџа.
Загадување на вода за пиење е кривично дело предвидено и казниво според член 219 од Кривичниот законик, кој предвидува парични и затворски казни, но бидејќи е прогласена епидемија ако се утврди евентуална одговорност казните може и да се зголемат.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
