Македонија
20. July 2026 - 17:07

Собранието ја донесе одлуката за продолжување на кризната состојба за нафта и нафтени деривати до 20 октомври

Со 88 гласа „за“ и ниту еден „против“ и „воздржани“, Собранието денеска ја донесе одлуката за продолжување кризната состојба за нафта и нафтени деривати до 20 октомври.

Владата на седницата одржана на 17 јули ја донесе одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење кризна состојба поради можност за настанување нарушување со снабдувањето со нафта и нафтени деривати на територијата на Република Северна Македонија. 

Со донесената одлука, како што соопштија, рокот на важење на кризната состојба се продолжува од 21 јули до 20 октомври, со што се обезбедува континуитет во институционалното постапување и навремено преземање мерки доколку дојде до нарушувања во снабдувањето или до значителни ценовни шокови на меѓународните пазари на нафта и нафтени деривати.

 - Целта на оваа одлука е Владата да располага со соодветен правен механизам за брза и ефикасна реакција, со цел да се зачува стабилноста во снабдувањето, да се ублажат последиците од евентуални пазарни нарушувања и да се заштитат интересите и животниот стандард на граѓаните и стопанството. Владата и понатаму внимателно ќе ги следи состојбите на домашниот и на меѓународниот енергетски пазар и доколку тоа го наложат околностите, ќе продолжи да носи навремени и соодветни мерки во интерес на сигурно, стабилно и непречено снабдување со нафта и нафтени деривати - посочија од владината прес-служба.

Пред изгласувањето на дневниот ред на денешната пленарна седница, пратениците од политичките партии на Албанците побараа од предлагачот да ја тргне од дневниот ред точката за продолжување на кризната состојба и за неа да биде свикана посебна седница, а оваа да биде прекината зашто била свикана спротивно на Деловникот на Собранието. Обвинуваа дека со ваквото свикување седници власта сака, како што рекоа, да го прошверцува пакетот закони за високото образование. Потоа беше дадена пауза за координација на координаторите на пратеничките групи и по паузата, беше постигнат договор законите за високото образование да не бидат ставени на денешната седница.

Пратеникот на Албанската лига, Елми Азири, истакна дека не може да се направи „камуфлажа на тенденцијата за да прошверцувате неколку закони“ со претекст на тоа за продолжување на кризната состојба за снабдување со нафта.

- Ние сме имале и други случаи кога сме имале закони за објавување на кризна состојба, сме биле конструктивни и сме ги поддржале и пак ќе го направиме тоа. Но не можеме да изигруваме наивни дека пред наши очи не се почитува Деловникот, не се почитуваат неколку члена на Деловникот. Се спомна член 74 и член 150 од Деловникот. Ќе го прочитам за граѓаните „седницата на Собранието за прво читање на предлог на законот се одржува во рок од 10 работни дена од денот на донесување на решението за свикување на седницата, но не подолго од 20 работни дена од денот на доставување на предлог на законот до пратениците“. Ве повикувам, бидејќи вие давате објаснување, кажете пред пратениците кој член од Деловникот е почитуван за свикување на оваа седница. Евидентно е дека имаме непочитување на неколку члена на Деловникот. Тенденцијата ни е јасна. Можноста да се избегне оваа ситуација и вие сте можеле да свикувате посебна седница кризната состојба. Додека за другите точки, во согласност со Деловникот - рече Азири.

Координаторката на пратеничката група на ДУИ, Рина Ајдари, праша да се каже каде е итноста да се донесат законите за високо образование. 

- Нема ништо ургентно. Ако првата точка е продолжувањето на кризната состојба, имаме можност, штом предлагачот е тука, нека излезе и нека ја повлече точката од дневниот ред и оваа точка да оди во друга нова седница, а не да има исто третирање како со другите точки од дневниот ред, кои се по редовна постапка. Каде е ургентноста на ова, освен вашиот обид да направите правно шверцување на сите закони што вам ви одат во прилог. Друга логика не гледам. Предлагачот нека излезе и нека ја повлече точката од дневниот ред и да одиме со нова седница каде што ќе се разгледува ургентноста - рече Ајдари.

На обвинувањата на опозициските партии, потпретседателот на Собранието, Антонијо Молишоски, нагласи дека нивната главна интенција е да им излезат во пресрет на граѓаните и на стопанствениците за да се донесе одлуката за одобрување продолжување на рокот за постоење кризна состојба поради можност за настанување нарушување со снабдувањето со нафта и нафтени деривати.

- Затоа што, доколку не се донесе оваа одлука, без разлика дали некој е од ДУИ или не е, ќе биде жртва на ваквите опструкции поради тоа што ќе биде загрозено снабдувањето со нафта и нафтени деривати. Апелирам до пратеничката група на ДУИ да го прифати аргументот дека доколку оваа седница беше свикана во редовен рок од најмалку 10 дена, Собранието објективно не би можело да одлучи пред истекот на кризната состојба. Таквиот прекин би можел да предизвика негативни последици за граѓаните, за стопанството, за транспортот, за јавните служби и за целокупната енергетска стабилност на државата. Доколку не помине кризната состојба поради опструкции од страна на ДУИ, во ред, тогаш ќе имаме последица, која јавноста ќе може да види затшто е настаната. Би било добро да бидеме солидарни и одговорни по однос на интересот на стопанството, на граѓаните и на енергетската стабилност - рече Милошоски.

Собранието во рамките на денешната 115. седница ја утврди потребата по скратена постапка да се донесат неколку законски решенија - предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за автокамповите, предлог -аконот за изменување и дополнување на Законот за енергетиката, предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за меѓународната и привремената заштита и предлог-законот за изменување на Законот за супервизија на осигурувањето. Овие предлог-закони ќе треба да бидат разгледани на матичните комисии. 

МИА