Македонија
20. July 2026 - 16:29

Пад на трошоците за живот во јули: Синдикалната минимална кошничка намалена за 156 денари

Благ пад на трошоците во јули. Синдикалната минимална кошничка месецов чини безмалку 68.500 денари, што е за 156 денари помалку во споредба со јуни. Најголемо кратење од 108 денари има кај храната и пијалоците. Пад бележи и транспортот, за што граѓаните во јули потрошиле 48 денари помалку споредено со претходниот месец, што главно се должи на промените на цените на горивата. Во сите останати категории, трошоците остануваат исти. 

„И покрај зголемувањето на цените на енергенсите, на нафтата и нафтените деривати, ние останавме како земја со најниска цена на нафтените деривати и нафтата, меѓутоа и најниска цена на основните прехранбени производи, а тоа го покажа и стапката на инфлација за претходниот месец“, изјави заменик-министерот за економија, Марјан Ристески. 

Набавните и продажните цени на основните производи се главна тема и на денешната средба со производителите и дистрибутерите. 

„Ако има непазарно однесување, енормни зголемувања на цените и  т.н. воени профитери во вакви услови, кои сакаат да спечалат на грбот на граѓаните, имаме законски мерки кои може да се употребат. Нема да толерираме некоректно однесување, пред сè, спрема граѓаните“, кажа Ристески. 

Од СДСМ, пак, велат дека секој ден е нов ценовен шок за граѓаните.

„Мицкоски не донесе ниту една мерка за работниците, за социјално ранливите граѓаните - во сред криза ги остави да преживуваат и да го бројат секој денар за живот. Секоја негова мерка доаѓа предоцна, секоја мерка е неефикасна и наместо да ги намали цените, го слабее буџетот и им носи дополнителни приходи на одредени компании. Мицкоски делува повеќе како застапник на приватните интереси отколку како премиер кој треба да ги штити граѓаните“, истакна Кети Штерјова од СДСМ.

Државна статистика измери раст на инфлацијата во јуни од 3,4%.