Македонија
20. July 2026 - 10:21

Се чекаат резултатите за заболените во Гостивар, на повеќе места низ градот се дели пакувана вода за пиење

Во Гостивар се очекуваат резултатите од анализите на надлежните институции за причината и појавата на зголемен број на заболени со стомачни тегоби. Од синоќа преку владините служби почна дистрибуција на вода за пиење, а кон акцијата се приклучуваат и поединци и компании. Според Ивица Томовски, директор на СОЗР, на дневно ниво во Гостивар ќе се делат по 50 илјади литри пакувана вода. Епидемилозите вчера пријавија епидемија поради зголемениот број на лица кои се пожалиле на здравствени тегоби.

Последната информација од Министерството за здравство е дека надлежните здравствени институции продолжуваат со интензивно следење и истражување на зголемениот број лица со симптоми на гастроентероколит на подрачјето на Гостивар.

Според информацијата, во периодот од 18 јули во 08:00 часот до 19 јули во 08:00 часот, во Општата болница во Гостивар се регистрирани: 204 прегледи на Инфективното одделение, при што три лица се хоспитализирани;140 прегледи на Педијатриското одделение, од кои 105 нови и 35 контролни; девет прегледи во Ургентниот центар.

- Клиничката слика кај најголемиот број пациенти е лесна, а бројот на хоспитализирани лица останува низок. Сепак, поради зголемениот број заболени во краток временски период, состојбата се третира како активен епидемиски настан и се спроведуваат сите потребни епидемиолошки, лабораториски и превентивни активности, наведуваат од МЗ.

По пријавувањето на епидемија ПЕ Центарот за јавно здравје во Гостивар врши теренски увиди, епидемиолошки анкети и прибирање податоци од заболените. Досега се доставени околу 140 формални пријави за заразна болест, кои се обработуваат од страна на епидемиолошките тимови на ЦЈЗ Тетово и Институтот за јавно здравје.

- Институтот за јавно здравје е вклучен во истражувањето со стручна и лабораториска поддршка, а заедничките тимови продолжуваат со анкетирање на заболените, анализа на можните заеднички изложувања и микробиолошко испитување на земените примероци наведуваат од ресорното министерство.

Според последните информации во тек се: епидемиолошко истражување и активно следење на новите случаи; микробиолошки испитувања на примероци од пациенти; испитувања на примероци од водата и процена на можните извори на зараза; надзор над водоснабдувањето и санитарно-хигиенските услови; координација со Агенцијата за храна и ветеринарство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и локалните институции.

За денеска е најавена прес конференција во владиниот прес-центар, на кој се очекува да бидат презентирани резултатите од испитувањата на водата од градскиот водовод и поединости околу случајот во Гостивар.

 

МИА