Зголемен број на колапси поради топлото - дневно Брза помош има и по 10-тина вакви интервенции
Новиот топлотен бран го зголеми бројот на повици во скопската Брза помош. Екипите дневно имаат по 70-тина интервении, а една третина се на јавни места. Последните 3 дена во едно деноноќие регистрираат и по 7-10 колапси, а само денеска до пладне 5- мина граѓани се онесвестиле поради високите температури. Како што велат од Службата интервенирале и кај млади и претходно здрави лица, но и кај социјално ранливи и бездомници кои остануваат на отворено и во најтоплиот дел од денот.
- Повеќето од колапсите се решаваат на јавни места, меѓутоа некои знаат да повредат и можат да завршат во болница. Превенција при колапси и топлотни удари прво што треба да направат граѓаните е да го тргнат лицето на сенка. Доколку се работи за несвесно лице, нека го легнат и да му ги кренат нозете за брзо време се повраќа свеста. Можат да почнат со давање напитоци, најубаво е вода, ама да не биде многу ладна, туку обична вода, изјави д-р Ана Џарева, шеф на смена во Службата за итна медицинска помош – Скопје.
За да се превенираат колапси и да не дојде до влошување на здравјето кај граѓаните поради високите температури, од скопската Брза помош советуваат да не се излегува кога е најтопло, да се пијат многу течности и да се избегнува физичка активност. Посебно да се внимава при влез во автомобил кој стоел подолго време на сонце.
- Прво да се разлади, самиот автомобил развива голема температура внатре, бидејќи е херметички затворен. Кога ќе се пристапи, ако е оставен на сонце, да се отвоерат вратите барем да излезе топлиот воздух, да се вклучи климата малку да поработи за да излезе тој топол воздух. Не веднаш да се стартува со движење. На еден организам му требаат 5-10 минути при секое излегување од топло на ладно малку да се адаптира, изјави д-р Ана Џарева од скопската Брза помош.
Освен на колапси, од Итната медицинска помош велат дека периодов имаат зголемен број на интервенции и на сообраќајќи, посебно кај повредени кои паднале од тротинети. Апелираат граѓаните да бидат внимателни зошто само со 6 екипи во смена го покриваат Скопје кој стана милионски град, но и автопатите.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
