Пожарите изгаснати, штетите огромни
Синоќа околу 20 часот изгаснат е големиот пожар кој вчера беснееше во атарите на Пробиштипските села Неокази, Бучиште и Ратавица. Во текот на денешниот ден екипи на ТППЕ од Пробиштип вршат контроли и го догаснуваа она што од вчера е останато.
Предизвикана е голема материјална штета. Опожарени се земјоделски површини, житни култури, овоштарници и лозја. Во село Бучиште изгоре куќа, дел од инфраструктура, бандери, огради, струјни водови, како и пчеларници.
Изгаснат е и пожарот предизвикан од електричен спој кој вчера попладне го зафати ридот над Исарското маало во Штип. За среќа нема повредени, а брзата интервенција на пожарникарите спречи огнот да се прошири на ближните куќи.
-На пожарот на штипски Исар, поради исклучително тешко пристапниот терен, каде и сега се наоѓаме, беше употребен ер трактор со еден налет, кој што помогна на пожарникарите пожарот да биде изгаснат. Трите ер трактори дејствуваа врз пожарот во Пробиштип, кој зафати голема површина и се прошири на територијата на општина Чешиново- Облешево, изјави Стојанче Ангелов, директор на ДЗС.
Во гаснењето на пожарите се вклучија и членови на доброволните противпожарни друштва. Ангелов објасни дека нивниот ангажман се подмирува по 100 до 120 евра дневно, во зависност од статусот и висината на платата каде што е вработен.
-Секој еден доброволец кој вчера излегол на терен ќе ја добие оваа сума преку ДЗС, бидејќи се дел од нашите тимови и сметаме дека тоа еден правилен надомест за тоа што тие го направиле тој ден. Дел од нив се вработени, дел имаат сопствен бизнис, тој ден тие отсуствуваат од работното место и ние како Влада вршиме надомест за штетата што ја трпат што не се појавуваат на работното место, изјави Ангелов.
Ангелов додаде дека доколку дневно се ангажираат 100 доброволци, државата би ја чинело околу 10 000 евра, што не е голема сума, ако се земе впредвид дека еден час гаснење со хеликоптер чини околу 7000 евра.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
