Одложено судењето за измами во ИПАРД програмата
Влошена здравствена состојба на еден од обвинетите го одложи денешното судење за злоупотреби со европски пари од ИПАРД програмата.
Од затворот во Шутка утринава го известиле судот дека за обвинетиот Фејзула Фејзула била повикана итна помош, a Лекарите утврдиле дека тој не може да го следи рочиштето.
На денешното судење требаше да се слушуваат телефонски разговори меѓу обвинетите. Според обвинителството, во нив се договарало како да се заобиколат критериумите за добивање средства од ИПАРД за обвинетиот Џевдет Насуфи да добие европски пари.
Станува збор за разговори снимани шест месеци, обезбедени со посебни истражни мерки. Транскриптите од снимените разговори, беа донесени со количка на тркала.
„Обвинителството дојде со вкупно 12 класери од транскрипти од разговори од спроведена Посебна истражна мерка (ПИМ). Во овој предмет обвинителстството ќе презентира околу 150 разговори помеѓу обвинетите со кои ќе ги докаже наводите од обвинението“, изјави Наташа Поп Трајкова, Јавен обвинител во ОЈО ГОКК.
Одбраната тврди – обвинителството нема случај. Посочуваат дека Европската комисија веќе информирала оти нема злоупотреба на средства и очекуваат ослободителна пресуда.
„Европската комисија како најмеродавна, бидејќи се работи за нивни фондови, го кажала своето. Нема дело, нема вина, нема прекршување. Не знам што може ПИ мерките да дадат друга димензија кога највисокото тело, ЕК го кажа своето“, изјави Ненад Јаничевиќ, Адвокат.
Во предметот се обвинети осуммина. Меѓу нив и поранешниот директор на Платежната агенција, Илија Стоилев.
Обвинителството ги товари дека примиле поткуп од 50 илјади евра за да овозможат Насуфи да ги заобиколи критериумите и да добие финансиска поддршка од ИПАРД програмата.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
