Македонија
19. јуни 2026 - 16:32

Доктор и медицинска сестра од клинички сакале да шверцуваат ботокс од Република Кореја

Лекар и медицинска сестра од клиничкиот центар Мајка Тереза,  сакале да шверцуваат 199 вијали со ботокс вредни 10 000 евра. Царинската управа поднесе кривична пријава против двајцата здравствени работници за криумчарење и царинска измама а по налог на јавен обвинител веќе бил извршен претрес на неколку локации. Докторот го нарачал ботоксот од Република Кореја со договор во фактурата да биде наведено како 10 парчиња козметички производи. Неговата соработничка била наведена како примач на пратката и истата ја платила од својата трансакциска сметка. Но вијалите не стигнале на пишаната адреса.

- Случајот е откриен од страна на царински службеници од Царинска испостава Скопје 1, при детална контрола на поштенска пратка пријавена за увозно царинење, за која била приложена фактура во која биле наведени 10 козметички примероци. При отворање на пратката, царинските службеници откриле 199 вијали со ботокс, кои се користат во естетската медицина и кои не биле наведени во фактурата, пишува во соопштението од Царина. 

Од Царинската управа предупредуваат дека увозот на ботокс е строго регулиран и подлежи на посебни дозволи од надлежни институции и секоја измама поврзана со увоз на ваква или слична стока претставува опасност за здравјето на граѓаните. 

Во април МВР и Обвинителството за организиран криминал и корупција во организирана акција разбија организирана криминална група од 19 лица меѓу кои хирурзи и дерматолози, кои илегано без никакви одобренија и упатство за употреба увезувале ботокси и филери. Дел од нив се уште се во притвтор.