Андроид функции кои го олеснуваат секојдневното користење на телефонот

Многу корисници на Андроид телефоните и понатаму сметаат дека за напредни функции и автоматизација им се потребни дополнителни апликации. Но, голем број корисни функции веќе се вградени во самиот оперативен систем и работат во заднина без потреба од дополнителни инсталации.Овие функции се создадени за да ги анализираат и учат навиките на корисниците, приспособувајќи се на начинот на кој се користи уредот. Како резултат на тоа, потребата од рачно приспособување е значително намалена, организацијата е подобра, а искористувањето на батеријата е поефикасно.
Една од најкорисните опции е „адаптивна батерија“ („Adaptive Battery“). Системот анализира кои апликации корисникот најчесто ги користи и им дава приоритет, додека оние што ретко се отвораат ги ограничува во заднина. На овој начин се намалува непотребната потрошувачка на енергија, што овозможува батеријата да трае подолго. Меѓу другото, системот со текот на времето станува сè попрецизен постојано учејќи ги навиките на сопственикот.
Од друга страна пак, телефонот може и самостојно да се приспособува на различни ситуации без потреба од дополнителни апликации. Преку системот „правила“ може автоматски да се менуваат поставките во зависност од локацијата или одредени услови. Уредот може автоматски да го активира тивкиот режим кога корисникот ќе пристигне на работното место или да ја вклучи функцијата „не вознемирувај“ кога е дома. На тој начин се избегнува постојаното рачно приспособување на звукот и известувањата.
Интернет-пребарувањето е дополнително олеснето со Гугл хром. Функцијата за неактивни картички автоматски ги препознава отворените прозорчиња што подолго време не биле користени и ги преместува во посебен оддел без да ги избрише. Доколку картичката остане неактивна подолг временски период, пребарувачот автоматски ја затвора, овозможувајќи подобра организација и уредност без потреба од мануелно чистење.
Освен тоа, Андроид системот нуди и алатки за подобра концентрација и намалување на дигиталните дистракции преку пакетот функции „Дигитална рамнотежа“ („Digital Wellbeing“). Ваквиот режим овозможува привремено блокирање на апликациите што го одвлекуваат вниманието, а истовремено може да се постави и временски распоред за негово автоматско активирање. Па така, во текот на работното време телефонот може да ги ограничи социјалните мрежи и сличните апликации и повторно да ги активира по завршувањето на работните обврски.
Во рамки на овие алатки се наоѓа и режимот за спиење кој, во однапред одредено време автоматски ја активира функцијата „не вознемирувај“, ги намалува визуелните ефекти и го префрла екранот во потемни тонови. Целта е да се намали желбата за користење на телефонот непосредно пред спиење и да се поттикнат поздрави навики за одмор.
Уште една од попрактичните, а помалку познати функции е „титлови во живо“. („Live Caption“). Оваа опција му овозможува на телефонот да го претвора говорот во текст за време на гледање видеа, слушање поткасти, преслушување гласовни пораки или дури и за време на телефонски разговори. Ваквата функција автоматски го генерира преводот во моментот.
Од ова може да заклучиме дека сите овие функции покажуваат дека современите Андроид уреди сè повеќе вршат задачи во име на корисникот-од управување со батеријата и автоматско приспособување на поставките, до организирање на содржините и намалување на невнимателноста. Ваквиот систем работи во заднина за да обезбеди поедноставно, поефикасно и поудобно корисничко искуство без потреба од дополнителни апликации или сложени поставувања.
МИА
Ново на Сител
-

Тошковски: Превенцијата на насилството кај младите бара брза реакција, силна координација и активно учество на младите
-

Иран и САД во петок почнуваат нова рунда преговори во Швајцарија за финализирање на договорот
-

УХМР најавува натпросечно топло лето
-

Андроид функции кои го олеснуваат секојдневното користење на телефонот
-

Спречено криумчарење на златен накит вреден 1,5 милиони денари
-

Нова инвестиција во ТИРЗ Тетово вредна 20 милиони евра, ќе отвори околу 500 работни места
-

Изгубил контрола над возилото, а потоа удрил во 46-годишен работник од Кина и тешко го повредил
-

17-годишна Албанка од Македонија исчезна кај Штутгарт, семејството бара помош
