Македонија
25. May 2026 - 16:47

Пожар во поранешен „Декортекс“, изгореа машини и магацин

Големиот пожар што избувна вчера доцна попладне во кругот на поранешната фабрика „Декортекс“ во Радовиш е изгаснат по повеќечасовна интервенција на пожарникарите. Огнот зафатил магацински простор и дел од објектите во кои имало машини и запалив материјал. Во гаснењето учествувале екипи на Територијалната противпожарна единица Радовиш, кои неколку часа работеле на локализирање и целосно ставање под контрола на огнот. 

- Пожарот беше во разгорена фаза поради брзо запаливите материјалите кои што беа во него. За неполни три минути од пријавата за пожар нашата екипа излезе на терен. Веднаш беа мобилизирани сите пожарникари, а на помош пристигнаа и екипи од Т.П.П.Е Струмица и Д.П.Д. Мантово. За кратко време пожарот беше ставен под контрола, а гаснењето продолжи за пожарот целосно да биде изгаснат. Сите пожарникари пожртвувано влегоа во просториите кои што беа во пламен, ризикувајки ги безпоштедно своите животи, инфомирираат од ТППЕ Радовиш. 

Дел од пожарникарите вдишале чад и се здобиле со полесни изгореници, но сите кои интервенирале се во добра состојба. Причините за избувнувањето на пожарот засега не се утврдени. По завршувањето на увидот треба да биде познато како започнал огнот и колкава е вкупната штета во објектот.