Loading Video...
Свет
21. May 2026 - 12:37

Преглед на вестите од светот

Американскиот претседател Доналд Трамп упати ултиматум до Иран, нагласувајќи дека САД се подготвени да почекаат уште само неколку дена за „вистинскиот одговор“ околу мировниот договор, во спротивно следуваат нови напади. Трамп демантираше дека на Техеран му се понудени олеснувања на нафтените санкции и порача дека воената опција е подготвена доколку преговорите пропаднат, иако, како што вели, сака да избегне војна.

Одговорот од Техеран пристигна експресно. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави дека неговата земја е подготвена и за преговори, но и за борба доколку е потребно. Тој нагласи дека дипломатските напори на Иран се одвиваат во целосна координација со воените команданти.

Ваквите коментари доаѓаат во моменти кога Трамп тврди дека преговорите се во финална фаза, додека Иран предупредува дека евентуалното враќање во воена состојба ќе донесе многу нови изненадувања за Соединетите Држави.

Продолжуваат жестоките напади меѓу Украина и Русија. Украинските сили за беспилотни системи соопштија дека извршиле успешен напад врз руски центар за производство на дронови и обука на пилоти на окупираната територија во Доњецк. Според Киев, во нападот се уништени производствени работилници, оклопни возила и муниција, а елиминирани се најмалку 65 руски војници, вклучувајќи го и раководителот на центарот.

Од друга страна, руската армија во текот на ноќта повторно изврши напад со дронови на млазен погон врз градот Днепар. Локалните власти соопштија дека во нападот е повредена една жена, а нанесена е и материјална штета врз станбени објекти. Ова е втор напад врз Днепар за помалку од 24 часа.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, на денешниот редовен брифинг во Москва го обвини украинскиот претседател Володимир Зеленски дека свесно оди кон понатамошна ескалација на воениот конфликт.

Од друга страна, украинскиот претседател Зеленски предупреди на можноста Русија да ја прошири својата агресија, особено од правец на Белорусија

Германскиот канцелар Фридрих Мерц предложи Украина да добие статус на „придружна членка“ во Европската Унија како преоден чекор кон полноправно членство. Според него, овој модел би можел да го олесни постигнувањето мировен договор за завршување на војната со Русија. Предлогот предвидува украинските претставници да учествуваат на самитите на ЕУ, министерските состаноци, како и во работата на Европската комисија и Парламентот, но без право на глас. Канцеларот исто така бара политичка обврска од земјите-членки за примена на клаузулата за заемна помош, што би послужило како безбедносна гаранција за Киев. Бидејќи европските претставници сметаат дека целосното пристапување на Украина во следните неколку години е малку веројатно поради долгите реформи, Мерц најави дека за оваа своја алтернативна иницијатива наскоро ќе разговара со европските лидери.