Годишен извештај на Ало Бушавко за 2025-та година: 19 деца сакале да се самоубијат или имале самоубиствени мисли
Девојче спасило свој врсник од самоубиство. Откако забележала дека нејзин другар има план за самоубиство, се јавила на „Ало Бушавко“. Преку целосен интервенциски план на Меѓаши и стручните служби, со навремена интервенција на полицијата бил спасен млад живот. Ова е само еден од 19-те случаи минатата година, во кои деца и млади се јавиле на на беплатната линија со самоубиствени мисли, или забележале дека некој има намера да си го одземе животот.
„Многу е загрижувачки што имавме 19 случаи за самоубиство, односно 19 деца кои или имале мисли или сакајќи, или пробувајќи да си го одземат својот живот кој е навистина загрижувачки и претставува аларм за целото општество и укажува потреба од навремена реакција од континуирана поддршка и внимание кон психичката состојба на децата и младите, изјави Мила Дамјановска“, операторка на линијата Ало Бушавко.
Меѓаши Годишниот извештај на линијата на Ало Бушавко за 2025 година го заокружува со 284 дојави. Најголемиот дел од пријавите биле телефонски. Операторите добиле и неколку текстуални пораки и мејлови. Помош подеднакво побаале и момчиња и девојчиња.
Најголем дел од повиците биле поврзани токму со психолошка поддршка, анксиозност, страв и чувство на осаменост за деца од 10 до 12 години. Веднаш потоа следуваат проблемите во семејството – најчесто разводи и конфликти меѓу родителите, а регистрирани се и случаи на физичко насилство.
„Менталното здравје треба да биде системски приоритет, не треба да биде приоритет на извештајот на Меѓаши, на работата на психолозите, на поединци, туку системски приоритет, изјави Јордана Черепналкова Трајкоска, психолог, психосоцијална поддршка на деца и млади.
Психолозите предупредуваат дека децата сè почесто тивко поминуваат низ сериозни психолошки кризи, а најважно е околината навреме да ги препознае сигналите.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
