Забрани за казина на 500 метри од училишта и рекламирање, следни се брзите кредити
Коцкарници оддалечени минимум 500 метри од основни и средни училишта, забрана за рекламирање и засилена борба против нелегално онлајн коцкање. Владата на вчерашната седница го усвои новиот текст на Законот за игри на среќа.
Целта како што посочуваат е да се заштитат децата и младите, а коцкањето да не се смета за нормална појава. Од тие причини на познатите личности ќе им се забрани да ги рекламираат игрите на среќа, а се воведаат забарани и за пораки што го претставуваат коцкањето како пат до финансиски успех, рекламирање што ветува подобар живот или решение за лични и социјални проблеми и содржини насочени кон малолетници.
Премиерот Мицкоски вели дека Владата стои зад законскот решение, кое треба да стави крај на перцепцијата дека казината се главна индустрија, а најави дека следен чекор ќе биде ограничувањето на брзите кредити.
-Градовите со рекламите и светлечките билборди ни наликуваат како да коцкарниците се главна индустрија. Ќе се стави крај на оваа перцепција. До овие казина, како по правило се отвораат канцеларии за брзи кредити. Следно на што ќе работиме ќе биде тоа. Врз основа на направената анализа, најголем дел од луѓето, за напуштање на државата, го користат аргументот дека им се наталожиле долгови. Во морална смисла на зборот, со овој закон, ќе ја подобриме состојбата во државата“, додаде премиерот Мицкоски.
Реагираат од Здружението „Сакам да работам“ кои ги претставува вработените во овој сектор. Оттаму повторно предуредуваат дека со овој закон се загрозени повеќе од 10 000 семејства, но и целиот сектор кој годишно придонесува со над 350 милиони евра во Буџетот.
-Ние цврсто веруваме дека младината мора да биде целосно заштитена од било какво потенцијално влијание евентуално да создаваат недозволени навики за играње. Но, уште еднаш предупредуваме дека е опасно да се користи популизам кој е секогаш допадлив за пошироката јавност, без да се земат предвид последиците кои неминовно ќе се случат, ако ја вратиме Македонија во 90-те години на минатиот век кога се играше со ќибритчиња на Камениот мост, а покер апаратите се криеја зад завеси во задните делови на кафулињата“, стои во реакцијата на здружението.
Истражувањето на Институтот за јавно здравје објавено кон крајот на минатата година покажа загрижувачки тренд на пораст на коцкањето помеѓу младите. Според нивните податоци, 25% од учениците се коцкале во последните 12 месеци, додека онлајн коцкањето е застапено кај 15% од учениците.
Текстот кој вчера беше усовоен од Владата, следните денови ќе биде испратен и до Собранието.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
