Македонија
13. May 2026 - 16:36

ГОБ 8-ми Септември со реновиран оперативен блок – за пациентите достапен за два месеци

Комплетно реновиран и јавно промовиран оперативниот блок во ГОБ 8-ми септември. За пациентите ќе биде достапен за два месеци по добивање на употребните дозволи и обука на вработените. Нови сали и интензивна нега опремени со најсовремена опрема и по сите стандарди. Но колку тоа ќе ги намали листите на чекање за хируршки интервенции ако се знае дека за одредени процедури болни чекаат и повеќе од две години.

-Оперативниот блок ќе овозможи можеби и преполовување на лиситите за чекање, но само ако имаме адекватно доволен број на персонал. Во здравството фали персонал, не фалат услови, условите кои денес ги видовте ќе бидат само додадена вредност. Ние не смееме да останеме на тоа се да се централизира во Скопје, доаѓаат пациенти од сите градови и листите на чекање се креираат на тој начин. Централизацијата е погубна за македонското здравство, Мора регионализација и рамномерен регионален здравствен развој, изјави д-р Синиша Стојановски, директор на ГОБ 8-ми септември.

Освен оперативниот блок, целосно е реконструирана и кровната конструкција.

-Она кое што сакам исто така да го кажам, а коешто можеби е значајно да се каже, е дека пред да се случи оваа реконструкција на овој објект, во овие операциони сали се влегуваше со чадор. Кога врнеше, прокиснуваше, односно кровот течеше. Христијан Мицкоски, претседател на Влада

Реновирањето во болницата е реализирано со инвестиција од 12 милиони евра од страна на ТАВ Македонија.

-Сите овие операциони сали и интензивна нега се опремени со најсовремена опрема и се што видовте во обиколката е уникатно и го нема во други институции во околината и сето тоа е за доброто на секој пациенти, изјави Неџат Курт – директор на  ТАВ Македонија

-Бројни пациенти и од Скопје и од остатокот на државата доаѓаат тука за здравствени услуги. Се работи за врвна здравствена установа а после оваа реконструкција која заврши, дефинитивно најдобрите здравствени услуги ќе можат да се најдат во оваа болница, изјави Александар Николоски, министер за транспорт

Претходно пред еден месец беа јавно промовирани и реновирани сали на хируршките клиники, кои се уште не им се достапни на пациентите.

-Од инфраструктурна гледна точка е завршено, од административна се при крај, бидејќи треба дозволи за работа и мислам за кратко ќе бидат функционални, изјави Азир Алиу, министер за здравство.

Инаку денеска во обиколка на реновираниот дел во ГОБ 8-ми септември беше и премиерот Христијан Мицкоски кој кажа дека германски инспектори кои дошле на увид во оперативниот блок рекле дека ваков тип на објект нема ни во Германија, како и дека ова е значаен проект за македонското здравство, а и за регионот.